четврток, 12 јуни 2008

ШТО МИСЛАТ УЧЕНИЦИТЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕТО

Оценувањето, се разбира најмногу ги засега учениците. Меѓутоа ним, најчесто, не им оставаме простор да кажат кое и какво оценување е добро за нив. Всушност им даваме збор на крајот на годината прашувајќи ги дали се задоволни од оценката или каква оценка мислат дека заслужуваат. Учениците се најчесто објективни. Некои ја кортистат оваа прилика да се “испазарат“ за нешто повисока оценка. Но тоа не придонесува за подобрување на учењето. Нас треба да не интересира како оценувањето да го искористиме за поквалитетно учење и повисоки постигања.
Во компонентата: Унапредување на оценувањето УСАИД Проектот за основно образование, создадовме можност учениците да кажат како би сакале да бидат оценувани. Всушност организиравме анонимен конкурс на тема: Како сакам да ме оценуваат моите наставници? Целта беше да се слушне мислењето на учениците и тие да разговараат со своите наставници и со родителите за оценувањето. Добивме извонредни трудови. Мислењата на учениците навистина може да им помогнат на наставниците да оценуваат на начин кој ќе им помогне на учениците да научат повеќе.
Затоа сакам некои од есеите на учениците да поставам на овој блог. Се надевам дека тоа ќе биде поттик и за други ученици да го кажат своето мислење за оценувањето. Еве го есејот на Сара, а другите наградени есеи може да ги прочитате на следнава страница: http://pep.org.mk/mk/vesti/08/jul/esej/Nagradeni%20esei%20za%20ocenuvanjeto.pdf

Сара Михајловска VI одделение
ОУ „Кузман Јосифовски Питу“ - Скопје

КАКО САКАМ ДА МЕ ОЦЕНУВААТ МОИТЕ НАСТАВНИЦИ
Училиште... тоа е место каде што се здобиваме со знаење кое е најголемо богатство на секој човек. Тука учиме и се запознаваме со многу нешта. За подобрување на моето знаење мислам дека е потребно правилно оценување. Тоа претставува повеќе од добивање оценки, затоа што ученикот сепак учи за знаење, не за поголема бројка. Мене ми се допаѓа оценувањето во моето училиште, но има и работи кои сакам да се променат.
Можам да кажам дека ми се допадна начинот на кој бев оценета на еден од тестовите. Тој ден не бев доволно подготвена за часот, па затоа и тестот ми изгледаше тежок и долго размислував. Откако заѕвони, наставникот ги собра ливчињата, а по неколку дена откако беа прегледани ни ги подели. Впечаток ми остави тоа што под оцената беше напишана забелешка. Забелешка на која пишуваше кои се моите грешки и како да ги поправам гешките. Наредниот ден го замолив наставникот да ме испраша за да ја поправам оценката, а тој се согласи. На тој начин ми даде втора шанса за да го покажам своето знаење и да добијам поголема оценка. Тоа навистина ми се допадна, како и забелешката која ми е напиша. Многу ми помогна во учењето. Исто така можам да го издвојам начинот на оценување преку истражување и изработување на проекти, за којшто мислам дека е добар начин. Со ова ми се олеснува учењето, што ми е многу важно. За да се исполнат овие начини на оценување мислам дека е потребно да се прават истражувања на секоја завшена тема од секој предмет, како и под оценката на наставните ливчиња да е напишана забелешка, на која ќе ги оценува грешките и на кој начин може да се поправат. Исто така ми се допаѓа и кога наставникот ќе го вреднува мојот труд, бидејќи со тоа добивам до знаење дека се интересира за моите активности и го ценам тоа. Со овие начини, кои веќе ги набројав, го подразбирам правилното оценување, кое во секој поглед треба да биде реално. Но нешто што би променила во оценувањето е да нема заклучување на оценки од само еден тест, писмена, зошто некогаш и најсолидните ученици можат да згрешат поради страв, трема или несигурност кон предметот. А се рабира слабиот тест може да се поправи во подобар. Не го оправдувам и оценувањето со попуштање и она во кое влегува дисциплината, зошто сепак знаењето е најбитно.
Според моето мислење треба да бидам оценувана на спомнатите начини, бидејќи тие ми помагаат и на тој начин ги зацврстувам темелите на моето знаење. Тоа е потребно за да имам поголем успех и полесно да се запишам во понатамошните училишта, зошто знаењето го движи светот, и ги отвора посветлите страни на животот, а е и најценето богатство!!!