петок, 29 август 2008

И оценувањето треба да се планира

Оценувањето на учениците или, подобро речено оценките, секогаш биле важна работа. Меѓутоа, на оценувањето најголем број наставници, ученици и родители му придаваат значење на тримесечијата, полугодието и крајот на учебната година. И тогаш, повеќето, имаат забелешки и во врска со оценувањето и во врска со оценките. Меѓутоа тогаш е доцна да се поправат многу од работите со кои не сме биле задоволни, како на пример со постигањата на учениците, со големиот број тестирања и испрашувања, со оценките. Многу од тие работи може да се надминат ако се планира оценувањето. Почетокот на учебната година е вистинско време за тоа.
Што треба да се планира? Прво треба да се формулира јасна политика за оценување во училиштето, односно да се знае за што сите во училиштето ќе се залагаат. Тоа вообичаено се искази за објективноста, континуираноста на оценувањето, поддршката на учениците да ги постигнат поставените цели, етичноста и сл. Важно е залагањата да не бидат само декларативни, туку да им бидат познати на сите: на наставниците, учениците и на родителите и сите да ги прифатат.
Потоа, секој треба да си испланира како ќе ги оствари залагањата. Стручните активи и наставниците треба да испланираат што, кога и како ќе оценуваат и тоа да им го соопштат на учениците и на родителите. Учениците треба да си планираат што и како треба да научат, а родителите како да им помогнат на учениците во учењето. Директорот и стручните работници треба да планираат како ќе им помогнат на наставниците да оценуваат согласно залагањата на ниво на цело училиште и како ќе следат во која мерка залагањата и плановите се остваруваат.
Планирањето на оценувањето е една од натешките работи. Потешка од планирањето на другите аспекти на наставата (на пр. наставните средства, методи, потребни ресурси). Во Упатството за оценување во основните училишта што е донесено од Министерот за образование и наука значително внимание се посветува на планирањето на оценувањето. Тоа има првенствена цел да им помогне на учениците во учењето и да придонесе тие да научат подобро и повеќе. Тогаш ќе има и помалку недоразбирања во врска со објективноста на оценувањето. А да не ги спомнувам новите решенија во Законот за основно образование и значењето што е дадено на објективноста на оценките.
Планирањата, воопшто земено, не ни се јака страна. Особено не добрите планирања: оперативни, реални, остварливи. Оценувањето ретко се среќаваше во училишните планирања на сите нивоа. УСАИД Проектот за основно образование со обуките за примена на Упатството за оценување во училиштата прави чекор напред кон поквалитетно оценување за подобро учење. Ако ја почувствувате таа промена во вашите училишта споделете ја со другите.
И на сите ви посакувам новата учебна година да ви биде успешна