четврток, 6 ноември 2008

Учениците го учат тоа што наставниците го оценуваат

Начинот на оценување ги определува начинот на учење и содржините што се учат во многу поголема мерка одошто во прв момент сме свесни за тоа. Имајќи ја предвид важноста на оценувањето и влијанието на оценките врз напредувањето во образовниот систем, не е чудно што учениците “умно“ се прилагодуваат на она што наставниците го оценуваат. Ако наставникот бара да се меморира и да се репродуцира содржината, учениците така ќе ја научат, ако бара да се покаже како ученото ќе се примени во некоја автентична животна ситуација, учениците ќе настојуваат, не да ги помнат содржините, туку да наоѓаат ситуации за нивна примена. Ако се оценува главно со објективни тестови со повеќечлен избор учениците ќе учат “за тест“, ако се оценува почесто со есеи или проекти и со нивна одбрана учениците ќе учат како да покажат дека тоа може успешно да го направат. Она што не се бара кога се оценува, обично не го учат.
Оттука, последиците на одлуките за форсирање на една метода на оценување се поголеми одколку што во прв момент изгледа. Добро би било, како и во многу други нешта, да се примени народната мудрост: Два пати мери еднаш сечи. А не е секогаш така. Дури и на земјите со долга образовна традиција им се случува да учат на сопствените грешки. Така на пр. Англија, која со реформите во 90-тите години воведе екстерни тестирања на крајот на секој образовен циклус, се враќа чекор назад, напушта дел од екстерните тестирања и придава поголемо значење на автентично оценување и различити методи на формативното оценување (assessment for learning). Од друга страна, земјите во кои објективни тестови речиси и не се користеа ги воведуваат во своите системи на оценување. Понекогаш им придаваат преголема улога, на пр. во напредувањето на учениците, оценувањето на успешноста на училиштата.
Како ние да направиме еден избалансиран и објективен систем за оценување на учениците кој ќе придонесе за квалитетно учење не само за оценка туку корисно за живот?