вторник, 23 декември 2008

Можат ли обуките за формативно оценување да ја зголемат објективноста на оценувањето

(Не)објективноста на оценувањето е, ќе се согласат сите, еден од проблемите на нашето образование. Да оставиме на страна дека имаме исто толку значајни, ако не и позначајни проблеми како што е на пример нискиот квалитет на образованието.
Да се вратиме на објективноста. Во законите за основно и за средно образование силна нагласка е ставена на објективноста на оценувањето затоа што таа е критериум за наградување (казнување) на наставниците. За наставниците да оценуваат пообјективно треба да се знаат причините зошто оценувањето не е доволно објективно и да се изнајдат начини како тие причини да се надминат.
Можни причини за недоволна објективност на оценките:
1. Непостоење на официјални и заеднички прифатени стандарди за постигања и критериуми за оценки;
2. Недоволна оспособеност на наставниците за оценување, па и за објективно оценување;
3. Притисоци врз наставниците од разни субјекти во и надвор од училиштето неоправдано да даваат повисоки оценки;
4. Непочитување на етичките норми од страна на наставниците и тие од лични причини ги зголемуваат (намалуваат) оценките.
Можни се веројатно и други причини, но овие се најверојатни. Навистина не знам која е најчеста. Може би вашите одговори на анкетата ке дадат поточна слика.



Што се прави на овој план?
За надминување на состојбите со недоволната објективност на оценувањето Министерството за образование презема активности што произлегуваат од законската регулатива. Не знам на каква анализа на причините се тие засновани, имам впечаток дека тие се насочени кон надминување на причините кои припаѓаат на немање стандарди и критериуми и непрофесионално однесување на наставниците.
Компонентата: Унапредување на оценувањето на УСАИД Проектот за основно образование во период од 5 години ќе работи на подигање на квалитетот на образованието, а еден аспект на квалитетното оценување е и објективноста.
Што се прави?

1. Воспоставување на стандарди и критериуми
Бирото за развој на образованието неодамна изготви Стандарди за оценување на постигањата на учениците за сите предмети и за сите степени на образованието. Може да ги најдете на web страната на Бирото
http://www.bro.gov.mk/podracje/standardi.html. Претпоставувам дека ќе следат обуки за нивно заедничко разбирање. Тие помагаат донекаде, но за усогласено оценување се потребни и критериуми за оценки или описи на нивоата на постигања или како во странската литература се сретнуваат benckmarks. Нормален следен чекор би бил врз основа на мерења на тековните постигања и посакуваните постигања да се утврдат критериумите за оценки и тие да им бидат познати на сите наставници. Значи претстои уште доста работа на тоа поле.

2. Оспособување на наставниците за оценување
Во рамките на УСАИД Проектот за основно образование изготвени се Стандарди за оценување во училиштата што во февруари 2008 година, на предлог на Бирото за развој на образованието, Министерот ги донесе како Упатство за оценување во основните училишта. Тоа се всушност стандарди за добра пракса на оценување. Стандардите се доставени до сите училишта, но за жал ги нема на web страната ни на Бирото, ни на Министерството. Или јас не ги најдов. Може да ги најдете во прилог на прирачникот: Примена на стандардите за оценување (линкот го имате во делот ресурси на овој блог). Кога тие би се постигнале би немале проблем ни со оценувањето, ни со оценките. Но лесно е да се напише како треба, а тешко е да се направи.
Затоа Проектот од 2008 до 2011 година ќе спроведува различни обуки за оспособување на наставниците да ги достигнат стандардите. Ние веруваме дека оценувањето ќе биде поквалитетно, што покрај другото заначи и објективно, ако наставниците знаат како да оценуваат. Впрочем сите сознанија кажуваат дека наставниците во областа на оценувањето се самоуки (учеле малку или воопшто не учеле како да оценуваат во текот на студиите). Дали сите навистина имале добри примери од кои можеле да научат како да оценуваат. Повеќето наставници се согласуваат дека оценувањето им е најтешкиот дел од наставната работа.
На наставниците им недостасуваат приоди и инструменти што ќе ги користат во оценувањето (примери задачи, бодовни листи, оценети ученички трудови, тестови и сл.). Нивно изготвување и соодветна примена во секојдневното формативно оценување се доминантен дел од обуките во Компонентата за унапредување.
Искуствата од примената на стекнатите знаења укажуваат дека користење на инструменти во кои јасно се дефинирани нивоата на очекуваниот квалитет на постигања им помага на наставниците да се ослободат од дел од притисоците на родителите и на учениците за повисоки оценки.

3. Подигање на етичноста во оценувањето
Се чини дека етичките вредности не се на цена во транзициските времиња. Затоа многумина сметаат дека нема ништо лошо ако од некого барате некоја „услуга“ која се коси со неговите етички принципи. Но кога во училиштето сите ќе прифатат дека ќе се придржуваат до определени етички принципи во оценувањето и ако и претставниците на државните и локалните образовни власти прифатат дека и тие етички ќе се однесуваат, тогаш сме на добар пат, на демикратски начин да дојдеме до пообјективно оценување. Во рамките на Проектот е изготвен Етичките кодекси за оценување (може да го симнете од:
http://www.pep.org.mk/mk/resursi/materijali/ocenuvanje/Eticki%20Kodeks%20-%20makedonski.pdf ), а многу од проектните училишта изготвија свои кодекси или се договараа како да се справуваат со притисоци и неетичко однесување во оценувањето.
Може би изгледа наивно, но јас верувам дека со казни не се спречува неетичкото однесување, туку со долготрајно негување на етичноста. Никогаш не ќе обезбедите толку инспектори колку што може да имате прекршители. За прашањето на етичноста веќе пишував на овој блог.

Ако треба јас да одговорам на поставеното прашање, јас длабоко верувам дека патот до објективно сумативно оценување води преку квалитетно формативно оценување. А вие што мислите?
Се надевам дека за празнициве и за време на зимскиот распуст ќе имате време и ќе ви работи интернетот па ќе се вклучите во дискусијата по ова прашање.
Ви посакувам среќни празници и успешна година.