понеделник, 29 септември 2008

ДАЛИ КОРИСТИТЕ ИНТЕРНЕТ РЕСУРСИ ЗА НАСТАВАТА

Им завидувам на наставниците од странство, особено на оние од англиското говорно подрачје. Со каков и да било проблем да се соочат во наставата може да си отворат интернет и, ако посветат извесно време на пребарување, ќе си најдат многу креативни решенија на проблемот (или за предизвикот како што попозитивно гледано може да го наречеме). Има се што им треба: теорија, примери на активности, инструменти за оценување, видео снимки од часови. Не мора се сами да измислуваат. Многу работи што други ги смислиле и функционираат може да функционираат и кај нив. Можат да функционираат и кај нас.
Навистина немам претстава колку наставниците кај нас користат интернет да ја направат својата настава и учењето на децата подобри, поинтересни, поефективни. Ги знам бариерите:
  1. јазикот - на македонски јазик и на словенските јазици што повеќето наставници ги знаат нема многу ресурси за наставата, а многу наставници не користат други странски јазици;
  2. достапот до интернет - поголемиот број наставници сеуште немаат достап до интернет дома и во училиште, или ако имаат тој е временски ограничен, дома - заради цената, во училиште - заради големиот број наставници и ограничените ресурси .

Од друга страна, некои од генерацијата компјутерски фрикови станаа наставници. Сигурна сум дека тие и за наставата користат идеи од интернет, а не само од ограничениот број учебници, најчесто застарени. Тие знаат англиски (и некој друг јазик), компјутерот им е поблизок од моливот и хартијата, пристапот до интернет им е дел од културата на живеење, дури и кога го плаќаат од скромната наставничка плата. Колку има такви?

И за да се “откријат“ добрите интернет страници за образованието треба време. Една листа на корисни интернет страници е дадена во прирачникот Примена на стандардите за оценување на учениците (http://www.pep.org.mk/mk/resursi/resursi.html ), а ви предлагам да ја посетите и следнава http://www.teacherstv.co.uk/ каде што имате видео снимки од часови, меѓу другите и со акцент на оценувањето.