четврток, 16 април 2009

СЕМИНАРИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА НИВО НА УЧИЛИШТЕ

Пред извесно време на овој блог беше поставено прашањето за успешноста и прифатеноста на каскадниот систем на обука. Ме израдува дека поголемиот процент од тие што гласале во анкетата и што оставиле коментар имаа позитивен став кон обуките што ги држат нивните колеги. Всушност, дека им е сè едно кој ќе ја држи обуката доколку е таа добро изведена.
Еве потврда за добар пример на дисеминација на семинарите за формативно оценување. Училиштето “Стив Наумов“ од Скопје “го скрши мразот“ започнувајќи со семинарите на училишно ниво. Ако важи поговорката “По утрото се познава денот“, тогаш може да очекуваме квалитетни семинари и во другите училишта.
Ја користам привилигијава што ми ја дава блогов и позицијата на раководител на активностите за унапредување на оценувањето во Проектот за основно образование на УСАИД да ги пофалам колегите од “Стив Наумов“ и да ги охрабрам другите училишта. По семинарот што го следеа во јануари, членовите на тимот за оценување примениле повеќе од методите за формативно оценување. Тоа, заедно со претходните знаења и добрата подготовка на обучувачките, беше основа за еден многу успешен семинар, кој по квалитетот не заостануваше зад семинарите што се држеа на регионално ниво. За успешноста на семинарот придонесе покрај стручноста и посветеноста на тимот што го реализираше семинарот, и мотивираноста и истрајноста на наставниците кои ангажирано работеа.
Членовите на тимот кои ја спроведоа обуката во училиштето рекоа: “По малку бевме скептични дека учесниците на обуката, односно наставниците ќе бидат преморени и тоа ќе се рефлектира на ефикасноста, но се изненадивме не само од посветеноста со која работеа на сесиите, туку и од пријатната атмосфера која се создаде во текот на работењето.“ Морам да признаам дека и јас бев скептична и драго ми е што ме дементираа, имаше убава атмосфера на работа и дружење.
Ова искуство покажа дека дисеминацијата како форма за спроведување на обуките во училиштата може да придонесе не само за стекнување и продлабочување на знаења за изведување на поквалитетна настава, туку и за создавање клима за кооперативност во работењето и меѓусебна поддршка кај наставниците. Впрочем, сите ние на работа поминуваме голем дел од денот, делиме исти грижи со колегите и сигурно че ни биде полесно ако ги надминуваме заеднички.
Бидејќи се работи за училиште во кое и пред тоа имало активности за подобрување на квалитетот на наставата, учењето и оценувањето оправдано може да се очекува дека во праксата на оценувањето ќе ги вградат и новостекнатите знаења. Некои од наставниците запишаа: “Ги согледавме предностите на новите приоди се оспособувавме да изработуваме и користиме различни техники за оценување…Сето ова ќе придонесе за користење на повеќе инструменти за оценување и ќе овозможи пообјективно оценување.“ Јас ќе додадам: “И за поквалитетни постигања на учениците“. На крајот на краиштата заради тоа се сите напори на наставниците.
Еве неколку фотографии како доказ.





На сите што слават: Среќни Велигденски празници. Тие што не слават да ги посетат пријателите кои слават за да им честитаат.

четврток, 2 април 2009

Потсетување на конкурсот за најдобри примери на квалитетно оценување

Копмонентата Унапредување на оценувањето на Проектот за основно образование што е финансиран од УСАИД уште во декември 2008 година објави конкурс за најдобри примери од праксата на квалитетно оценување. Крајниот рок за доставување на трудовите е 30 април.
Првите трудови веќе пристигнаа. Ако до сега не сте решиле да конкурирате има уште речиси цел месец да го подготвите својот труд. Очекуваме трудовите да презентираат добра пракса на формативно оценување. Пропозициите може да ги видите на web страната на ПЕП или следете го овој линк на македонски: http://www.pep.org.mk/mk/ocenuvanje/Propozicii_1_PEP.pdf
или овој линк на албански
http://www.pep.org.mk/al/assessment/Propozicii%20konkurs%20ALB.pdf
Трудовите со кои ќе конкурирате може да бидат во пишана електронска верзија или видео материјали. За тоа како може да изгледаат видео материјалите добар урнек може да бидат овие што ќе ги видите следејќи го следниов линк:
http://video.google.com/videosearch?hl=en&q=formative+assessment&um=1&ie=UTF-8&ei=QKjUSbW_F4OTsAaLkPDsDg&sa=X&oi=video_result_group&resnum=4&ct=title#
Ви посакувам успех и ги чекаме примерите од вашата најдобра пракса.
Горица Мицковска