среда, 6 мај 2009

САМООЦЕНУВАЊЕТО НА УЧЕНИЦИТЕ

Подолго време ми се вртка низ главата мислата дека има место да продискутираме за самооценувањето на учениците. Имам повеќе причини за тоа, почнувајќи од реакциите на некои од наставниците искажани на семинарите за оценување, дека не може да им дозволуваме на учениците да се самооценуваат, преку сфаќањето дека тие тоа не можат да го прават, завршувајќи со тоа како е разбрана темата самооценување и взаемно оценување на соучениците во некои од студиите на случај што ми ги имаат испратено наставниците.
Кога зборуваме за самооценување многумина може би помислуваат на одговор на прашањето од наставникот: “Што мислиш која оцена заслужуваш?“. Одговорот може да се совпаѓа со оценката од наставникот или да не се совпаѓа. Тоа е некаква информација и за наставникот и за ученикот, но малку придонесува да се подобри учењето. Ниту на ученикот, ниту на наставникот му кажува што треба да прави наставникот, а што ученикот за да научи повеќе и подобро.
Кога во современата докимологија се зборува за самооценување се мисли на нешто друго. Се мисли на процесот во кој ученикот постојано го проценува она што го прави, го споредува со целите што ги поставил (сам или со помош на наставникот), со своите претходни постигања или со квалитетни постигања на други ученици, наоѓа начини како да се подобри. Таквиот приод е природен во секојдневниот живот – нормално е да размислуваме за она што го работиме, да проценуваме како и колку добро го работиме и што и како може да подобриме. Во училишното учење затоа што, најчесто, е многу диригирано од наставникот (тој кажува што и како учениците треба да прават), учениците, често, престануваат да се однесуваат природно кон сопствената работа и одговорноста за оценувањето и за постигањата се префрлува на наставникот (“Направив како што ми кажа наставникот, не знам што сака уште“ и слични реакции). Тогаш ученикот се става во пасивна улога во однос на учењето, прави она што ќе му биде кажано, не размислува доволно за тоа што е смислата и целта на активноста (освен наставникот да биде задоволен), како ни за тоа колку начините на работа/учење што ги користи се ефикасни. Таквиот однос му отежнува сам да го подобрува своето учење и не го оспособува да учи самостојно. Од друга страна наставникот е лишен од можноста да добие дополнителни информации за тоа дали на ученикот му е јасно што треба да постигне, како учи, на кои потешкотии наидува, како се обидува да ги надмине. Ваквите информации може да му користат за да му помогне на ученикот да учи поуспешно.
Меѓутоа, бидејќи школското учење не е едноставна работа, на повќето ученици не им е едноставно да “научат како да учат“ и згора на тоа да можат да го проценуваат сопственото учење и постигањата. Оспособувањето на ученикот за самооценување бара тој да биде упатуван од почетокот на школувањето во тоа што треба да научи, каква е смислата на тоа што го учи, како најлесно и најдобро може да го научи, како да знае дали тоа што го направил/научил е доволно добро, како може да го подобри. Не е едноставна работа. Колку ученици на крајот на основното образование можат успешно да се самооценуваат?