среда, 5 октомври 2011

ГОДИНА НА КВАЛИТЕТНО И ФЕР ОЦЕНУВАЊЕ

Прво, нека ни е честит денот на учителите. Голема работа е да си учител. Без нашите учители немаше да бидеме она што сме. Се надевам дека, не само денес, туку ;често, ќе се потсетуваме на нашите учители и ќе знаеме да ја цениме и вреднуваме нивната работа.

Бидејќи овој блог се занимава со оценување во училиштата јас, пак, ќе пишувам за тоа. Повод ми се цртаните филмови: Интервенции, Поука и Разлика што ги изготвивме со цел да ја поттикнеме пошироката јавност да размислува за својот придонес и “придонес“ за оценувањето какво што е.
Кога оценувањето не е помага за учење и кога не е фер, не се одговорни само наставниците, туку и родителите, учениците, и влијателните луѓе во образиванието. Секој треба да си го преземе својот дел од градењето на системот на вредности. Инаку ќе немаме право да им се лутиме на младите луѓе на различни места кои не си ја вршат добро работата, бараат мито или противуслуги, фаќаат “врски“. Ако низ искуството со оценувањето во училиштето тие научиле дека тоа е начинот да се помине полесно, не треба да се чудиме што така се однесуваат и во други ситуации. Ние како учители, директори, родители сме им пример како секој треба да си ја врши својата работа. Лош пример = лош резултат.

Погледнете ги цртаните филмови. Прикажете им ги на родителите, на учениците. Можеби на некои ќе им “светне сијаличката“.

Ајде оваа година да ја прогласиме за ГОДИНА НА КВАЛИТЕТНО И ФЕР ОЦЕНУВАЊЕ. И да придонесеме тоа навистина да биде такво.