четврток, 6 мај 2010 г.

Како влијаат обуките во Проектот за основно образование на сумативните оценки

Во текот на обуките за формативно оценување и за етичкиот кодекс во оценувањето учесниците се согласуваат дека поквалитетното формативно оценување, не само што придонесува за подобро учење на учениците, туку може да го олесни и сумативното оценување.
Имено:

  • наставниците прибираат повеќе докази за напредокот и постигањата на учениците;
  • се воспоставуваат усогласени критериуми за оценување;
  • учениците се вклучени во самооценување и взаемно оценување и имаат подобар увид во своите и постигањата на соучениците;
  • родителите се подобро информирани и
  • сите го прифатиле етичкиот кодекс во оценувањето.
Но колку тоа функционира кога ќе дојде крајот на учебната година? Некои наставници со кои сум во контакт велат дека оваа година притисоците на родителите се намалени и отпорноста на наставниците е зголемена. Затоа, оценките ќе биле поблиски до вистинските знаења на учениците, кои се повисоки или исти како минатата година. Други наставници и директори велат дека не може да одолеат на притисоците и дека пак ќе биде како лани. А какво е јавното мислење во врска со ова? Ќе го провериме ако одговорите на анкетата.

четврток, 22 април 2010 г.

ЗА ЕКСТЕРНИТЕ ОЦЕНУВАЊА - ПОВТОРНО

Неодамна, на 29-ти и 30-ти март, во Скопје, се одржа регионална конференција насловена Од екстерни оценувања до политики. Беа презентирани искуства од европски земји и земји од поранешна Југославија со екстерните оценувања. Ако треба накусо да се извлече поента од презентираното и дискусиите за мене тоа би било:
(1) Екстерни оценувања постојат во поголемиот број Европски земји.
(2) Тие можат да помогнат образовните политики да се креираат врз основа на систематски прибрани податоци.
(3) Не може еден вид екстерно оценување да се користи и за оценување на учениците, и за обезбедување доволно податоци за квалитетот и образовниот систем и за отчетност на училиштата за нивната работа.
(4) Фактот што оценувањето е екстерно само по себе не значи дека навистина ја мери постигнатоста на образовните цели.
Сакам малку да се осврнам на ова последново. Има тенденција, тестирањето, само затоа што овозможува објективно оценување (нели има клуч за одговори што тоа го овозможува) да се смета за супериорен начин на оценување. Затоа кај некои наставници најважни се резултатите на тестовите. А кога ќе се видат задачите на тестот се отвора прашањето што всушност тие проверуваат. Колкав број и кои наставни цели ги мерат.
Слично е и со тестовите што државата (сака да) ги користи за различни цели. Не може со тест што се решава 1 училишен час (значи има 30-тина задачи) да се измери колку ученикот ги постигнал наставните цели по определен предмет, особено ако целите се однесуваат и на практична оспособеност и други знаења и умеења кои е тешко да се проверат со тест од типот молив хартија. Е, ако со тестот не се гарантира дека се измерени (речиси) сите цели што ученикот требало да ги постигне (односно репрезентативен примерок на тие цели) , тогаш и неговата употреба треба да биде ограничена. Тоа значи дека тестот не може да биде единствено мерило на постигањата. Знам, ќе речете па никој не се залага за тоа. Да, ама ако, на пример, тестот се промовира во главно (или дури единствено) мерило за објективноста на оценувањето што го вршат наставниците или за отчетност на училиштето е тука сме заборавиле на ограничувањата што тестовите ги имаат.
Да нема забуни. Јас сум голем заговорник за различни видови објективни тестирања и екстерни оценувања. Само сакам да потсетам уште еднаш дека изготвувањето на добри тестови е високо стручна работа. Исто така и поставувањето на стандарди за постигања врз основа на резултатите од тестирањата. Ова не треба да се заборава кога се одлучува за какви било екстерни (а и интерни) тестирања.
И да не заборавиме само добро формативно оценување придонесува за подобри постигања. Тоа што екстерно ги мериме постигањата нема само по себе да ги покачи. Ја знаете онаа: “Прасето нема да го угоиме со тоа што ќе го мериме, потребно е да ги храниме“.

петок, 19 март 2010 г.

НАСТАВНИЦИТЕ КАКО ИСТРАЖУВАЧИ

Кога бев ученичка, за разлика од многу девојчиња, не сакав да бидам учителка. Таа работа ми се чиниеше еднолична. Секоја година, се исти работи да им се предаваат на децата. Сакав да бидам истражувач. Стално да откривам нешто ново.
Многу години подоцна, кога почнав да работам на истражувања во образованието ги поврзав двете работи. И сфатив дека наставникот, всушност, има огромни можности за истражување. Секој час е мало истражување за тоа дали применетиот приод во наставата довел до планираните резултати. Ако не, зошто? Што треба да се направи следниот пат за да се биде поуспешен? Ако сте амбициозен наставник, тогаш може своите истражувања да ги проширите на подолг период, на специфични прашања од областа на ефективните методи на учење, па на одржување работна атмосфера, па на мотивирање на учениците, па на формирање ставови (воспитување) ... Бескрај на можности.
Ви изгледа нереално? Некој може би мисли: “Не можам и да реализирам настава и да истражувам“. Имам докази дека тие две нешта можат убаво да се поврзат.
За да добијат сертификати повеќе од 300 наставници изготвија студии на случај од областа на оценувањето. Најголемиот број од нив се вистински мали (а некои и пообемни) акциски истражувања. Испробани се разни методи на оценување, проверено е (квантитативно или квалитативно) колку тие успешно функционирале (им помагале на учениците да научат повеќе) и наставниците извлекле заклучоци за тоа што би требало да прават понатаму. Тие сознанија може да им помогнат и на други колеги да ја подобрат својата работа во оценувањето на учениците.
Од друга страна, тие, генерално, се и мал научен придонес за ефективноста на испробаните методи на оценување. Кога минатата пролет бев на еден меѓународен собир за оценување во Словенија и презентирав што и како во Македонија работиме на унапредување на оценувањето, на крајот реков дека немаме докази за тоа какви се ефектите од тоа. После излагањето Пол Блек, познат автор во областа на оценувањето, ме праша како тоа да немаме докази. Едноставно немавме истражувања. А тој во своето излагање наведуваше докази за ефективноста на одделни приоди во оценувањето низ примери на училишта и наставници што ги примениле. Така беше пред една година. Сега, кога ќе ги систематизирам истражувањата на нашите наставници, и јас би имала многу докази.
Кога веќе пишувам на оваа тема сакам да се осврнам и на оние наставници кои често велат: “Кажете ни како. Советниците од Бирото велат едно, едни проекти друго, ние сме учеле нешто трето, стварно не знаеме што да правиме.“ А јас наставникот го гледам како професионалец кој учи од сите, ги знае учениците, се познава себе си, знае што сака да постигне (што неговите ученици треба да научат) и има храброст да проба што најдобро функционира. А кога веќе тоа го прави, зошто да не го следи систематски, документира и презентира. И ете ти наставник-истражувач.

сабота, 16 јануари 2010 г.

КОРИСТЕЊЕ НА ТЕСТОВИТЕ НА ЗНАЕЊЕ

Има многу поводи за размислување (и пишување) за користењето на тестовите на знаења при оценувањето на учениците. Еве неколку:
(1) Податоците од евалуацијата во Проектот за основно образование укажаа на опаѓање на користењето на различните методи на формативно оценување на крајот на минатата учебна година, на сметка на оценувањето на учениците со тестови (за тие подобро да се подготват за најавеното екстерно тестирање);
(2)Реакциите на родителите и на учениците и на крајот на ова полугодие дека на постигањата на тестовите им се дава преголемо значење во полугодишните оценки;
(3) Моето повторно навраќање на резултатите на меѓународните оценувања (ТИМСС, ПИРЛС, ПИСА) и уште една потврда за нивното големо влијание на реформските /иновативните зафати во образованието во многу земји во светот (за жал многу малку кај нас);
(4)Исклучително позитивните реакции на учесниците на семинарот: Изготвување на тестови на знаења, кои сметаа дека им е неопходно знаење за да прават подобри тестови.

Јас сум една од големите поборнички на употреба на тестовите во оценувањето на сите нивоа (за оценување во училиштата, за мерење на постигањата на државно ниво, за меѓународни мерења на постигањата на учениците), но уште поголема поборничка на спротиставување на злоупотреба на тестовите на пр. неквалитетни тестови да се третираат како добро мерило на знаењата, да се користат за оценка на објективноста на оценувањето од страна на наставниците и сл. Ми падна на памет споредбата дека тестот е како лекот: многу е корисен ако се користи за вистинска намена, а многу штетен ако е лош и или ако се користи за она за што не е наменет.

Значи: Тестови ДА, но добри и за вистински цели.
Е тука е проблемот. Многу е тешко да се направи добар тест (како и добар лек). Тоа бара знаење и практика, кои малкумина кај нас ги имаат. На некои ни недостасуваат знаења за тоа како се прават добри тестови, а на други ни недостасува практика во изготвувањето на тестови. И се разбира знаење за тоа каков тест за која намена може да се користи. Како и за повеќето работи знаењата (и практиката) не се стекнуваат ни лесно, ни брзо.
Нешто што би можело да помогне е : Тие што знаат нека прават тестови и нека ги споделуваат со другите. Првиот чекор во таа насока го има направено Државниот испитен центар ставајќи ги на web страната ослободените тест задачи од тестирањата што Центарот ги има спроведено. Набрзо и Проектот за основно образование во Алатки ќе ги става тест задачите што ќе ги изготвуваат наставници што поминаа обуки за изготвување тест задачи.


Од семинарот за изготвување тестови

А какви се тестовите што се користе во нашите училишта? Запишете го вашето мислење во анкетата или напишете коментар.

Ви посакувам успешен почеток на второто полугодие.
Горица

понеделник, 4 јануари 2010 г.

МНОГУ УСПЕХ ВО НОВАТА ГОДИНА

На сите посетители на блогов ви посакувам Новата година да ви биде поуспешна од претходнава. И наставниците и учениците и родителите да бидат позадоволни едни од други. За тоа да се случи потребно е секој да го даде својот мал (или уште подобро поголем) придонес.
А јас посакувам да сте поприсутни на блогов, повеќе да комуницираме. Секако од тоа нема никој да има зијан, а може некој да има и полза.
Се надевам дека набрзо компјутерите во училиштата и интернетот ќе функционираат и наставниците ќе можат непречено електронски да комуницираат.
Една наша неодамнешна мала анкета покажа дека во многу училишта нема доволно компјутери во функција или нема интернет и на наставниците не им се достапни сите благодети што тој ги дава.
И убав зимски распуст за време на кој ќе има нешто време за порелаксирана стручна размена на искуства (за оценувањето се разбира) и за малку одмор.
Попатно, како сте задоволни со оценувањето и полугодишниот успех?

четврток, 17 декември 2009 г.

Иновативни училишта со (де)мотивирани наставници

Неодамна држевме средби со тимовите за професионален развој во училиштата. Промовиравме активности за Иновативни училишта што ќе ги подготуваат учениците да стекат вештини за 21-век (за подетални информации посетете www.pep.org.mk).
Сите убаво си работевме, се согласивме дека е важно учениците да ги подготвуваме за 21-век, век којшто веќе го живееме, се согласивме околку вештините што ќе им бидат потребни на учениците (во она мерка во која можевме футуристички да гледаме), не ни одеше лошо ни тоа како може во училиште да се развиваат вештините за 21-ви век (и покрај сите тешкотии со кој училиштата се соочуваат како услови, средства...)
И после, онака за крај, повеќе неформално, зборувавме дали постои расположение во училиштата за промени, со сето она што тие го претпоставуваат. Првенствено поголем ангажман на сите, повеќе позитивна енергија во работата, а главно без материјална стимулација на повидок. И тука, сета убава претходна атмосфера на работа на и за 21-век, најчесто спласнуваше. Би сакала присутните од училиштата погрешно да ја процениле ситуацијата.

недела, 8 ноември 2009 г.

140 НАСТАВНИЦИ ДОБИЈА СЕРТИФИКАТИ

На почетокот на октомври првите 140 наставници добија сертификати за завршена обука и оспособеност за примена на нови приоди во оценувањето. Со оглед на тоа што обуките до јануари оваа година ги завршија околу 1600 наставници од 60 училишта, тоа и не е баш голем процент.
По завршувањето на четвородневните работилници за примена на стандардите за оценување се очекува наставниците да се обидат да применат некои од новите приоди во оценувањето и во наставничкото портфолио да ги собираат планирањата, инструментите што ги користеле, оценетите трудови. Од поамбициозните наставници се очекува да испланираат мало акциско истражување и да изготват студија на случај. И кога тоа ќе го документираат пред тимот во училиштето може да добијат цертификат за завршена обука и оспособеност за примена на нови приоди во оценувањето. Знаејќи дека речиси сите наставници по обуките примениле некои од приодите што беа дел од обуките очекувавме поголем број наставници да бидат заинтересирани за добивање сертификати.
Навистина, сеуште не се знае дали и колку тие ќе бидат земани при напредувањето на наставниците, но зошто да ги немате ако веќе ги применувате новите приоди? Може би во некои училишта нема иницијатива на ниво училиште да се спроведе процесот на цертификација, но во тој случај зошто заинтересираните наставници да не преземат иницијатива?