понеделник, 22 ноември 2010 г.
ИМАМЕ ШТО ДА (ПО)КАЖЕМЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕТО
Сакам да напишам за две убави работи што се случуваа(т).
Пред 15-тина дена со група наставници бев повикана на воведна конференција за Проектот за основно образование на Косово, што туку што започнува. За полесно да ги испланираат активностите, ние требаше да презентираме што и како работиме во Проектот за основно образование во Македонија и, се разбира, што сме постигнале. Бев горда како наставниците ја презентираа сопствената пракса, која, се разбира, вклучува и квалитетно оценување. Прикажаа модерна, инспиративна настава и покажаа дека им е јасно што сакаат нивните ученици да постигнат и како ја организираат наставата за тие да стигнат до поставените цели. Тоа што го прикажаа можеше да биде урнек на добра настава каде и да е, а не само пред луѓето за образование од Косово и претставниците на меѓународната заедница, кои навистина беа бројни. Убаво беше да си од Македонија.
Другата убава работа се подготвува од сега, а ќе се случи во мај. Се работи за конференцијата Оценување за учење во 21 век.
Зошто конференција? Стручна конференција правиме кога имаме критична маса на професионалци кои имаат што да презентираат и умеат да го направат тоа. Претходниве четири години, сметам, дека се направија значителни промени во оценувањето, со поместување на фокусот во оценувањето од ставање оценки кон поддршка на учениците во учењето. Многу наставници, како што колегата Сатки Исмаили кажа во Приштина, се различни наставници од оние што беа пред 4 години. Тие го сменија начинот на оценување, имаат докази за тоа какво оценување повеќе придонесува за учењето на учениците, а какво не помага многу. Тие ја истражуваа својата пракса и имаат што да споделат со другите. Имаат што да споделат за оценувањето и директорите и стручните работници. Затоа сметам дека сега е вистинско време за стручна конференција за оценувањето.
Ако ви е инспирација, ќе ви кажам дека воведи излагачи ќе бидат д-р Пол Блек (Paul Black) од Велика Британија и д-р Јосе Нојонс (Jose Nojons) од Холандија. Тие што се интересираат за оценувањето знаат кои се тие.
Задолжително отворете ја веб страната на ПЕП и во делот за оценување информирајте се за конференцијата. И бидете дел од неа.
сабота, 9 октомври 2010 г.
ЗА ЕЛЕКТРОНСКИОТ ДНЕВНИК
Нема сомнение дека родителите треба да бидат информирани за оценките на нивните деца. Најдобро би било кога тие со децата би воспоставиле таков однос детето само да им каже и објасни каква оценка добило, зошто е тоа така и што понатаму. Не ми се допаѓа електронскиот дневник да биде начин на шпиунирање на нашите деца. Демек, тие ги кријат оценките од родителите, а електронскиот дневник е “шпионката“ низ која родителите ќе ѕирнат и ќе ја откријат лагата. И што потоа? Што ќе направи родителот на детето на кое не му верува? Најверојатно ќе го искара. И како тоа ќе му помогне на детето подобро да учи и да постигне резултат што за последица ќе има подобра оценка. Дали тоа ќе биде поттик родителот да дојде во училиште или кога ја знае оценката нема што да доаѓа во училиште (освен ако нема намера да бара интервенција за оценката да се поправи).
Да ја разгледаме и другата група родители и деца. Децата им ги кажуваат на родителите оценките, кои главно се добри, родителите проверуваат во електронскиот дневник дека детето не лажело. И тој родител, особено ако е зафатен, а сите сме, нели, многу зафатени, не чувствува потреба да контактира со наставниците. Дали и училиштето се чувствува “пораат“ ако што помалку родители доаѓаат во училиште? Дали и на родителите на тие деца не им се потребни и други информации за нивното дете што може да ги добие само од наставниците? Дали и тие деца не може да бидат уште подобри, а наставниците може да им дадат совет на родителите за идниот развој на детето?
Знам дека има обиди електронските дневници да овозможуваат и посуштествена комуникација меѓу училиштето (е-мејлови, дискусиони групи, блогови, анкети ...). Не знам како е тоа во пракса. Би било интересно доколку се разменат искуствата. Сигурно ќе биде корисно ако училиштата направат истражувања на промените што настануваат во комуницирањето со родителите, учењето и однесувањето на учениците откако е воведен електронскиот дневник. Тоа ќе помогне и за подобрување на електронскиот дневник и за градење нови стратегии за комуницирање со родителите и давање поддршка на учењето на децата.
среда, 1 септември 2010 г.
НОВА УЧЕБНА ГОДИНА ! СУПЕР!
На наставниците и учениците со задоволство да одат во училиште и да се радуваат на успесите.
Горица
петок, 13 август 2010 г.
ЈОВО НА НОВО ИЛИ СО ЗАДОВОЛСТВО ПО НОВО
Има наставници што се чувствуваат како децата од одделенска настава: мислат да си облечат нешто ново што си го купиле летово, ги листаат учебниците за оваа година (ако се нови) или се потсетуваат што можат убаво да направат оваа година, а не им успеало лани, се радуваат што ќе се сретнат со колегите и колешките.
Има други наставници што си мислат: Леле пак ли истите нервози со ученици што не учат, со родители што бараат оценки, со директорот на кого за ништо не му е гајле, па уште и инспекторатот “измислува“ некакви си оценувања на наставниците.
Работите може да изгледаат и вакви и онакви, како чашата со вода: полупразна или полуполна.
Оние од првата група сите ги сакаат повеќе (затоа што се подотерани, насмеани, подготвени за убав разговор), а и тие самите си се чувствуваат полни со енергија. А зошто секој од нас на почетокот на новата година не тргне на работа со добра воља да соработува со колегите и да ја иницира таа соработка, да внесе новини во наставата (па нели сите бевме на куп семинари?) за нам, а не само на учениците да ни биде поинтересно. Ако нештата ни се интересни, помотивирано сме да ги работиме и така имаме и подобри резултати. тогаш ќе имаме и помалку ученици што не учат и со родителите полесно ќе излеземе на крај (може и нив да ги вклучиме во некои активности) и директорот и инспекторите ништо не ни можат ако си ја работиме добро работата. Можат на пример да не пофалат.
Јас одвај го чекам почетокот на наставната година повторно заедно да работиме.
Успешен почеток.
Горица
П.С.
Бев разочарана што на минатиот текст за објективноста на оценувањето немаше коментари. Дали молчењето значи согласување?
четврток, 8 јули 2010 г.
SUMA SUMARUM 0:0
Сега со вас сакам да споделам две работи: една добра и една лоша. Прво ќе ви ја кажам добрата (за да не се откажете од читањето, па да не стигнете до неа).
ДОБРАТА РАБОТА Е:
Отворете ја www.e-pedagog.com Колегите што ја креирале не чекаат некој да им каже како и што да работат. Тие внесуваат квалитативни промени и сакаат несебично да ги споделат со други. Да им се придружиме.
ЛОША РАБОТА Е ШТО МНОГУ РАБОТИ НЕ СЕ МЕНУВААТ.
Го споделувам со вас писмото што деновиве го добив од еден од нашите обучувач и (со негова согласност) го ставам на блогов. Ме разочараа две работи: (1) Зошто училиштето не прави доволно на крајот на годината да нема деца што треба да повторуваат и (2) Кога не направило доволно во текот на годината зошто го прави на крајот ова што се случува не само во подолу опишаниот случај, туку и во многу други училишта.
“ Почитувани.
КАЈ ОТИДЕ СВЕТОВ?!
Да, токму ова го рекол еден наш преродбеник пред многу години. Јас всушност не сум знаел што сака да каже, но пред неколку дена дознав и многу се разочарав.
Се случи тоа на наставничкиот совет во училиштето во кое сум на платен список. Такви гафови не изустиле ни нашите ,,квази,, политичари во своите најдобри времиња.
Случај 1. Ученик во 7одд. со многу единици во текот на целата година. Ништо невообичаено, најверојатно ќе го повторува одделението. Но, види чудо. Се јавува за збор неговиот одделенски раководител и изнесува ,,непобитни,, факти поради кои ученикот треба да оди понатаму. Вели наставничката, тој ученик бил на систематски преглед и таму се покажал многу добро т.е. бил уреден, чист и здрав и токму поради тоа (и само заради тоа) трој треба да помине! Оооо, ЗЕМЈО ОТВОРИ СЕ (си велам) и се приклучувам на општо настанатата смеа и добро расположение во наставничката канцеларија. А, чек листите? А, проектите? А, есеите? А, ИКТ? А, моите непреспиени ноќи во подготвување на семинари и нагледни часови? Да не Ве задржувам, веројатно погодувате.Ученикот помина!
Случај 2. Два дена пред советот доаѓа мајката на ученик со многу едници. Одделенскиот раководител ја советува во наредната учебна година да го префрли во друго училиште, бидејќи овде и онака ретко доаѓаше. На заминување ја замолува да биде во контакт со него, а таа му одговара дека ќе разговара вечер со мажот ú дали да помине или да повторува! А, наставниците? А, стручните служби? А, училишните тимови? А, советот?
Совет како совет, си помина, а помина и ученикот!
Случај 3. Ученик кој до пред два дена имаше десетина единици сега му останале само три. Одделенскиот раководител инсистира тој ученик да не повторува, туку да се упати на продолжителна настава: ,, Јас би го оставила по мојот предмет на продолжителна настава, ама не можам бидејќи веќе му ја поправив единицата!!!,,
Ја гледам така со прстот во уста и си мислам ,, Време е да побарам друга работа,,. Се надевам дека ќе ми помогнете во мојата намера. Било што, само подалеку од овде.
П.С. И третиот ученик помина!“
Што велите да формираме една заедница за фер оценување, која ќе споделува само добри примери?
ВИ ПОСАКУВАМ НА СИТЕ УБАВ ЛЕТЕН ОДМОР!
четврток, 6 мај 2010 г.
Како влијаат обуките во Проектот за основно образование на сумативните оценки
Имено:
- наставниците прибираат повеќе докази за напредокот и постигањата на учениците;
- се воспоставуваат усогласени критериуми за оценување;
- учениците се вклучени во самооценување и взаемно оценување и имаат подобар увид во своите и постигањата на соучениците;
- родителите се подобро информирани и
- сите го прифатиле етичкиот кодекс во оценувањето.
четврток, 22 април 2010 г.
ЗА ЕКСТЕРНИТЕ ОЦЕНУВАЊА - ПОВТОРНО
(1) Екстерни оценувања постојат во поголемиот број Европски земји.
(2) Тие можат да помогнат образовните политики да се креираат врз основа на систематски прибрани податоци.
(3) Не може еден вид екстерно оценување да се користи и за оценување на учениците, и за обезбедување доволно податоци за квалитетот и образовниот систем и за отчетност на училиштата за нивната работа.
(4) Фактот што оценувањето е екстерно само по себе не значи дека навистина ја мери постигнатоста на образовните цели.
Сакам малку да се осврнам на ова последново. Има тенденција, тестирањето, само затоа што овозможува објективно оценување (нели има клуч за одговори што тоа го овозможува) да се смета за супериорен начин на оценување. Затоа кај некои наставници најважни се резултатите на тестовите. А кога ќе се видат задачите на тестот се отвора прашањето што всушност тие проверуваат. Колкав број и кои наставни цели ги мерат.
Слично е и со тестовите што државата (сака да) ги користи за различни цели. Не може со тест што се решава 1 училишен час (значи има 30-тина задачи) да се измери колку ученикот ги постигнал наставните цели по определен предмет, особено ако целите се однесуваат и на практична оспособеност и други знаења и умеења кои е тешко да се проверат со тест од типот молив хартија. Е, ако со тестот не се гарантира дека се измерени (речиси) сите цели што ученикот требало да ги постигне (односно репрезентативен примерок на тие цели) , тогаш и неговата употреба треба да биде ограничена. Тоа значи дека тестот не може да биде единствено мерило на постигањата. Знам, ќе речете па никој не се залага за тоа. Да, ама ако, на пример, тестот се промовира во главно (или дури единствено) мерило за објективноста на оценувањето што го вршат наставниците или за отчетност на училиштето е тука сме заборавиле на ограничувањата што тестовите ги имаат.
Да нема забуни. Јас сум голем заговорник за различни видови објективни тестирања и екстерни оценувања. Само сакам да потсетам уште еднаш дека изготвувањето на добри тестови е високо стручна работа. Исто така и поставувањето на стандарди за постигања врз основа на резултатите од тестирањата. Ова не треба да се заборава кога се одлучува за какви било екстерни (а и интерни) тестирања.
И да не заборавиме само добро формативно оценување придонесува за подобри постигања. Тоа што екстерно ги мериме постигањата нема само по себе да ги покачи. Ја знаете онаа: “Прасето нема да го угоиме со тоа што ќе го мериме, потребно е да ги храниме“.
