четврток, 1 септември 2011 г.

УШТЕ ЕДНА НОВА УЧЕБНА ГОДИНА

Ги прашувам децата од моето соседство и децата на роднините дали со задоволство тргнуваат на училиште. Најчест одговор е: “И така и така“. А наставниците што тие би одговориле?
Се сеќавам дека кога бев во основно училиште со многу радост ја чекав новата учебна година, но не и во средното.
Сакам на сите да ви посакам во оваа учебна година сите со поголемо задоволство да одите во училиште. За да биде така секој нека направи по нешто и нему и на другите работата и учењето да му бидат поинтересни и повозбудливи.
И многу успех на сите!

среда, 8 јуни 2011 г.

ШТО НАПРАИВМЕ И ШТО ТРЕБА ДА ПРАИМЕ ПОНАТАМУ?

Долго врме не пишував на блогов. Ама и не ви недостасував, нели?
Бев многу зафатена со привршување на активностите за унапредување на оценувањето во Проектот за основно образование:
- Направивме убава конференција Оценување за учење во 21 век http://www.pep.org.mk/mk/ocenuvanje/conference/conference.html ,
- Завршивме семинари за изготвување тест задачи, наставниците праќаат убави тест задачи и анализи на спроведени тестирања,
- Направивме обуки за сумативно оценување и во голем број училишта веќе е направена дисеминацијата, а во други е во тек.
- Наставниците забрзано се стекнуваат со сертификати за формативно оценување.
Има многу позитивни реакции дека многу работи поврзани со поквалитетно оценување се случуваат.
Од друга страна притисоците за повисоки оценки продолжуваат, истиот приод и истите идеи за екстерно оценување заради проверка на овјективноста на оценувањето со проверуваат, наставниците велат “не не' оставајте без понатамошна поддршка, таман почнавме да се усовршуваме во формативното оценување“.
Проектот за основно образование завршува и мене ми и најголема грижа дека започнатите промени ќе почнат да згаснуваат со рефокусирањето на некакви други приоритети. Бев горда на Конференцијата за оценување кога се виде дека сме во тренд со промените во оценуванјето што се прават во земји со понапредни образовни системи. Таму се воведуваат како системски промени и не престанува поддршка од институциите на системот. Сигурна сум дека советниците од Бирото и понатаму ќе им даваат поддршка на наставниците во оценувањето затоа што веруваат дека формативното оценување го подобрува учењето. Но доколку фокусот на нивната работа се префрли на нешто сосема друго, едноставно ќе немаат време. Речиси сите училиштата во изминативе години го имаа оценувањето како еден од приоритетите. Се надевам дека тоа ќе остане така и понатаму, едноставно затоа што неколку години промени не се доволни да го доведеме оценувањето на ниво со кое ќе бидеме задоволни. Со Маја, која се занимаваше со евалуацијата на нашиот Проект и со начините како се случуваат промените во наставата дојдовме до заклучок дека наставниците се некаде на половина пат, знаат што сакаат, како треба, ги проверуваат различните приоди во оценувањето што ги учеле, се обидуваат да ги применауваат почесто и загрижени се дали тоа што го прават го прават добро. Треба уште многу практикување додека формативното оценување стане рутина и фокусот се стави на доказите за тоа колку тоа што го правиме навистина го подобрува учењето. Ако е за утеха и многу други земји се тука некаде или малку понапред.
Значи, ова е моето гледање на тоа што напраивме: и многу и недоволно, зависи од која страна се гледа.
А што треба да праиме? Тоа останува на училиштата, наставниците, но и на институциите во системот. Тоа што планира власта го барам во Манифестот за реформи и развој, го нема експлицитно. Може би се подразбира дека тоа што е започнато и одело добро ќе продолжи.

вторник, 8 февруари 2011 г.

ШТО Е БИТНО ЗА ДА БИДЕМЕ УСПЕШНИ

Во последно време многу се занимавам со прашањето: Зашто некои училишта и накои наставници се многу поуспешни во примената на квалитетно формативно оценување од други?
Ги анализирам извештаите од посети, евалуации, разговарам со колеги, барам врски...
Имав прилика, а би рекла и среќа, да разговарам и со Ерик Рустен, нашиот шеф од Америка, како што неофицијално си го викаме. Исклучително креативен човек.
Идејата што во последната средба ја дискутиравме некако многу “ми легна“. Според него за за успех е најважно:
Ј - Јасна цел
А - Автономија
С - Стручност

Јасна цел - Се добива како одговор на прашањето: Зошто јас ја работам оваа работа? За луѓе што работат во образованието не е тешко да се има цел. Тоа се учениците, нивниот развој, знаењата што треба да ги стекнат. За некои други професии можеби е потешко да се најде така важна смисла. Не сметам на одговорите: Работам за да преживеам и сл.

Автономија - Се добива како одговор на прашањето: Колкава слобода имам да одлучувам за тоа како треба да ја работам својата работа? Некои наставници мислат дека тие се “газди“ на часовите, дека најдобро знаат што и како треба да работат. Други сметаат дека имаат многу ограничена слобода, дека што и како ќе работат им е премногу диктирано од наставните програми, Бирото, Инспекторатот, Министерството, стручните служби, проектите ... дури и “родителите си земаат право да ни кажуваат како да работиме. Зошто на докторите не им кажуваат како да ги лекуваат?“

Стручност - Се добива како одговор на прашањето: Дали знам да ја работам наставничката работа? Тоа што некој завршил соодветен факултет, не значи дека автоматски станал добар наставник. На прашањето во една меѓународна студија: Дали сте квалификувани за наставничката професија, Македонија е прва по процентот на наставници што одговориле дека се квалификувани, а според постигањата на учениците Македонија беше при дното. Денес сенешто се бара од наставниците: да учат како да применуваат нови методи, како да користат ИКТ, како да оценуваат, решаваат конфликти, работат со деца со специјални потреби ... Не е лесно да си стручен во современи услови.

Е сега: Кај колку луѓе што работат во образованието имаат добро ЈАС, добра комбинација на јасна цел, голема автономија и висока стручност?

четврток, 9 декември 2010 г.

ФОРМАТИВНО И СУМАТИВНО ОЦЕНУВАЊЕ

Тие што се занимаваат со проблематиката на оценувањето на учениците знаат дека суштината на оценувањето е формативното оценување. Неговото влијание врз подобрување на наставата и учењето (или обратно) е многу посилно од влијанието на сумативното оценување. Дури се вели: “Оценките се само нуспродукт на процесот на оценување, можно е учење и без нив.“ Некои ќе се сложат со ова, некои не (особено оние што ги користат оценките за мотивирање на учениците).
Но, како и да е, и оние што се убедени дека доброто формативно оценување
е суштина на процесот на оценување во нашиот систем се соочуваат со сериозни тешкотии кога треба да ја изведат сумативната оценка.За помалку упатените формативно оценување е оценувањето во текот на учењето и суштина му е да се даде повратна информација на ученикот што ќе му помогне да напредува кон поставените цели и од друга страна ќе му помогне на наставнинот да ја прилагоди наставата, такашто таа ќе му даде соодветна подршка на ученикот во учењето. Во што е проблемот? Во државата недостигаат добро емпириски засновани описи на различни нивоа постигања по наставни предмети, за кои лесно ќе може да “врзат“ оценките. Во програмите има очекувани исходи, но тие се уште еднаш пречистен опис на она што се очекува како резултат од поучувањето. Од минатата година има и критериуми за оценки, во кои по определен начин треба да се сместат реалните постигања на очекуваните исходи. Проблемот е што нема никакви емпириски докази колку тие се реални (превисоки? прениски?). Има реакции дека се тешко употребливи.
Затоа наставниците (во подобар случај училиштата) си имаат свои критериуми според кои си оценуваат. Како резултат на тоа оценките на учениците дадени од различни наставници се речиси неспоредливи. Не ги земам тука предвид подлегнувањата на притисоци, попуштања, оценки дадени како казна за недисциплина и сл., туку само оние оценки за кои самиот наставник смета дека се реални.
Оваа состојба, особено ако се има предвид настојувањето за објективно оценување (што е крајно легитимно, но не и одделни начини како што се обидува тоа да се обезбеди), ја наметнува потребата повторно системски да се навратиме на определување на нивоа на постигања за одделни оценки, во различни предмети, со цел наставниците со мирна совест да ги преточат информациите што ги имаат за постигањата на учениците во оценки, а сите ние, од родители до инспектори да не се сомневаме во реалноста на оценките.

понеделник, 22 ноември 2010 г.

ИМАМЕ ШТО ДА (ПО)КАЖЕМЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕТО

Извесно време не пишував ништо на блогов, малку затоа сто немав време, малку затоа што немав инспирација. Не сакав да бидам инспирирана од нешта кои се негативни.
Сакам да напишам за две убави работи што се случуваа(т).
Пред 15-тина дена со група наставници бев повикана на воведна конференција за Проектот за основно образование на Косово, што туку што започнува. За полесно да ги испланираат активностите, ние требаше да презентираме што и како работиме во Проектот за основно образование во Македонија и, се разбира, што сме постигнале. Бев горда како наставниците ја презентираа сопствената пракса, која, се разбира, вклучува и квалитетно оценување. Прикажаа модерна, инспиративна настава и покажаа дека им е јасно што сакаат нивните ученици да постигнат и како ја организираат наставата за тие да стигнат до поставените цели. Тоа што го прикажаа можеше да биде урнек на добра настава каде и да е, а не само пред луѓето за образование од Косово и претставниците на меѓународната заедница, кои навистина беа бројни. Убаво беше да си од Македонија.

Другата убава работа се подготвува од сега, а ќе се случи во мај. Се работи за конференцијата Оценување за учење во 21 век.
Зошто конференција? Стручна конференција правиме кога имаме критична маса на професионалци кои имаат што да презентираат и умеат да го направат тоа. Претходниве четири години, сметам, дека се направија значителни промени во оценувањето, со поместување на фокусот во оценувањето од ставање оценки кон поддршка на учениците во учењето. Многу наставници, како што колегата Сатки Исмаили кажа во Приштина, се различни наставници од оние што беа пред 4 години. Тие го сменија начинот на оценување, имаат докази за тоа какво оценување повеќе придонесува за учењето на учениците, а какво не помага многу. Тие ја истражуваа својата пракса и имаат што да споделат со другите. Имаат што да споделат за оценувањето и директорите и стручните работници. Затоа сметам дека сега е вистинско време за стручна конференција за оценувањето.
Ако ви е инспирација, ќе ви кажам дека воведи излагачи ќе бидат д-р Пол Блек (Paul Black) од Велика Британија и д-р Јосе Нојонс (Jose Nojons) од Холандија. Тие што се интересираат за оценувањето знаат кои се тие.
Задолжително отворете ја веб страната на ПЕП и во делот за оценување информирајте се за конференцијата. И бидете дел од неа.

сабота, 9 октомври 2010 г.

ЗА ЕЛЕКТРОНСКИОТ ДНЕВНИК

Одговорите на анкетата за електронскиот дневник ме поттикнаа да се вклучам во дискусијата. Гледам мислењата се поделени. Општините што воведуваат електронски дневник на големо го рекламираат како решение на проблемите со оценувањето. Настрана, тоа што барем половина од семејствата немаат интернет пристап (според некои последни анкети што деновиве ги прочитав во весник). Во наредниот период сигурно е дека состојбите со интернет пристапот брзо ќе се подобруваат.

Нема сомнение дека родителите треба да бидат информирани за оценките на нивните деца. Најдобро би било кога тие со децата би воспоставиле таков однос детето само да им каже и објасни каква оценка добило, зошто е тоа така и што понатаму. Не ми се допаѓа електронскиот дневник да биде начин на шпиунирање на нашите деца. Демек, тие ги кријат оценките од родителите, а електронскиот дневник е “шпионката“ низ која родителите ќе ѕирнат и ќе ја откријат лагата. И што потоа? Што ќе направи родителот на детето на кое не му верува? Најверојатно ќе го искара. И како тоа ќе му помогне на детето подобро да учи и да постигне резултат што за последица ќе има подобра оценка. Дали тоа ќе биде поттик родителот да дојде во училиште или кога ја знае оценката нема што да доаѓа во училиште (освен ако нема намера да бара интервенција за оценката да се поправи).

Да ја разгледаме и другата група родители и деца. Децата им ги кажуваат на родителите оценките, кои главно се добри, родителите проверуваат во електронскиот дневник дека детето не лажело. И тој родител, особено ако е зафатен, а сите сме, нели, многу зафатени, не чувствува потреба да контактира со наставниците. Дали и училиштето се чувствува “пораат“ ако што помалку родители доаѓаат во училиште? Дали и на родителите на тие деца не им се потребни и други информации за нивното дете што може да ги добие само од наставниците? Дали и тие деца не може да бидат уште подобри, а наставниците може да им дадат совет на родителите за идниот развој на детето?

Знам дека има обиди електронските дневници да овозможуваат и посуштествена комуникација меѓу училиштето (е-мејлови, дискусиони групи, блогови, анкети ...). Не знам како е тоа во пракса. Би било интересно доколку се разменат искуствата. Сигурно ќе биде корисно ако училиштата направат истражувања на промените што настануваат во комуницирањето со родителите, учењето и однесувањето на учениците откако е воведен електронскиот дневник. Тоа ќе помогне и за подобрување на електронскиот дневник и за градење нови стратегии за комуницирање со родителите и давање поддршка на учењето на децата.