петок, 19 март 2010 г.

НАСТАВНИЦИТЕ КАКО ИСТРАЖУВАЧИ

Кога бев ученичка, за разлика од многу девојчиња, не сакав да бидам учителка. Таа работа ми се чиниеше еднолична. Секоја година, се исти работи да им се предаваат на децата. Сакав да бидам истражувач. Стално да откривам нешто ново.
Многу години подоцна, кога почнав да работам на истражувања во образованието ги поврзав двете работи. И сфатив дека наставникот, всушност, има огромни можности за истражување. Секој час е мало истражување за тоа дали применетиот приод во наставата довел до планираните резултати. Ако не, зошто? Што треба да се направи следниот пат за да се биде поуспешен? Ако сте амбициозен наставник, тогаш може своите истражувања да ги проширите на подолг период, на специфични прашања од областа на ефективните методи на учење, па на одржување работна атмосфера, па на мотивирање на учениците, па на формирање ставови (воспитување) ... Бескрај на можности.
Ви изгледа нереално? Некој може би мисли: “Не можам и да реализирам настава и да истражувам“. Имам докази дека тие две нешта можат убаво да се поврзат.
За да добијат сертификати повеќе од 300 наставници изготвија студии на случај од областа на оценувањето. Најголемиот број од нив се вистински мали (а некои и пообемни) акциски истражувања. Испробани се разни методи на оценување, проверено е (квантитативно или квалитативно) колку тие успешно функционирале (им помагале на учениците да научат повеќе) и наставниците извлекле заклучоци за тоа што би требало да прават понатаму. Тие сознанија може да им помогнат и на други колеги да ја подобрат својата работа во оценувањето на учениците.
Од друга страна, тие, генерално, се и мал научен придонес за ефективноста на испробаните методи на оценување. Кога минатата пролет бев на еден меѓународен собир за оценување во Словенија и презентирав што и како во Македонија работиме на унапредување на оценувањето, на крајот реков дека немаме докази за тоа какви се ефектите од тоа. После излагањето Пол Блек, познат автор во областа на оценувањето, ме праша како тоа да немаме докази. Едноставно немавме истражувања. А тој во своето излагање наведуваше докази за ефективноста на одделни приоди во оценувањето низ примери на училишта и наставници што ги примениле. Така беше пред една година. Сега, кога ќе ги систематизирам истражувањата на нашите наставници, и јас би имала многу докази.
Кога веќе пишувам на оваа тема сакам да се осврнам и на оние наставници кои често велат: “Кажете ни како. Советниците од Бирото велат едно, едни проекти друго, ние сме учеле нешто трето, стварно не знаеме што да правиме.“ А јас наставникот го гледам како професионалец кој учи од сите, ги знае учениците, се познава себе си, знае што сака да постигне (што неговите ученици треба да научат) и има храброст да проба што најдобро функционира. А кога веќе тоа го прави, зошто да не го следи систематски, документира и презентира. И ете ти наставник-истражувач.

сабота, 16 јануари 2010 г.

КОРИСТЕЊЕ НА ТЕСТОВИТЕ НА ЗНАЕЊЕ

Има многу поводи за размислување (и пишување) за користењето на тестовите на знаења при оценувањето на учениците. Еве неколку:
(1) Податоците од евалуацијата во Проектот за основно образование укажаа на опаѓање на користењето на различните методи на формативно оценување на крајот на минатата учебна година, на сметка на оценувањето на учениците со тестови (за тие подобро да се подготват за најавеното екстерно тестирање);
(2)Реакциите на родителите и на учениците и на крајот на ова полугодие дека на постигањата на тестовите им се дава преголемо значење во полугодишните оценки;
(3) Моето повторно навраќање на резултатите на меѓународните оценувања (ТИМСС, ПИРЛС, ПИСА) и уште една потврда за нивното големо влијание на реформските /иновативните зафати во образованието во многу земји во светот (за жал многу малку кај нас);
(4)Исклучително позитивните реакции на учесниците на семинарот: Изготвување на тестови на знаења, кои сметаа дека им е неопходно знаење за да прават подобри тестови.

Јас сум една од големите поборнички на употреба на тестовите во оценувањето на сите нивоа (за оценување во училиштата, за мерење на постигањата на државно ниво, за меѓународни мерења на постигањата на учениците), но уште поголема поборничка на спротиставување на злоупотреба на тестовите на пр. неквалитетни тестови да се третираат како добро мерило на знаењата, да се користат за оценка на објективноста на оценувањето од страна на наставниците и сл. Ми падна на памет споредбата дека тестот е како лекот: многу е корисен ако се користи за вистинска намена, а многу штетен ако е лош и или ако се користи за она за што не е наменет.

Значи: Тестови ДА, но добри и за вистински цели.
Е тука е проблемот. Многу е тешко да се направи добар тест (како и добар лек). Тоа бара знаење и практика, кои малкумина кај нас ги имаат. На некои ни недостасуваат знаења за тоа како се прават добри тестови, а на други ни недостасува практика во изготвувањето на тестови. И се разбира знаење за тоа каков тест за која намена може да се користи. Како и за повеќето работи знаењата (и практиката) не се стекнуваат ни лесно, ни брзо.
Нешто што би можело да помогне е : Тие што знаат нека прават тестови и нека ги споделуваат со другите. Првиот чекор во таа насока го има направено Државниот испитен центар ставајќи ги на web страната ослободените тест задачи од тестирањата што Центарот ги има спроведено. Набрзо и Проектот за основно образование во Алатки ќе ги става тест задачите што ќе ги изготвуваат наставници што поминаа обуки за изготвување тест задачи.


Од семинарот за изготвување тестови

А какви се тестовите што се користе во нашите училишта? Запишете го вашето мислење во анкетата или напишете коментар.

Ви посакувам успешен почеток на второто полугодие.
Горица

понеделник, 4 јануари 2010 г.

МНОГУ УСПЕХ ВО НОВАТА ГОДИНА

На сите посетители на блогов ви посакувам Новата година да ви биде поуспешна од претходнава. И наставниците и учениците и родителите да бидат позадоволни едни од други. За тоа да се случи потребно е секој да го даде својот мал (или уште подобро поголем) придонес.
А јас посакувам да сте поприсутни на блогов, повеќе да комуницираме. Секако од тоа нема никој да има зијан, а може некој да има и полза.
Се надевам дека набрзо компјутерите во училиштата и интернетот ќе функционираат и наставниците ќе можат непречено електронски да комуницираат.
Една наша неодамнешна мала анкета покажа дека во многу училишта нема доволно компјутери во функција или нема интернет и на наставниците не им се достапни сите благодети што тој ги дава.
И убав зимски распуст за време на кој ќе има нешто време за порелаксирана стручна размена на искуства (за оценувањето се разбира) и за малку одмор.
Попатно, како сте задоволни со оценувањето и полугодишниот успех?

четврток, 17 декември 2009 г.

Иновативни училишта со (де)мотивирани наставници

Неодамна држевме средби со тимовите за професионален развој во училиштата. Промовиравме активности за Иновативни училишта што ќе ги подготуваат учениците да стекат вештини за 21-век (за подетални информации посетете www.pep.org.mk).
Сите убаво си работевме, се согласивме дека е важно учениците да ги подготвуваме за 21-век, век којшто веќе го живееме, се согласивме околку вештините што ќе им бидат потребни на учениците (во она мерка во која можевме футуристички да гледаме), не ни одеше лошо ни тоа како може во училиште да се развиваат вештините за 21-ви век (и покрај сите тешкотии со кој училиштата се соочуваат како услови, средства...)
И после, онака за крај, повеќе неформално, зборувавме дали постои расположение во училиштата за промени, со сето она што тие го претпоставуваат. Првенствено поголем ангажман на сите, повеќе позитивна енергија во работата, а главно без материјална стимулација на повидок. И тука, сета убава претходна атмосфера на работа на и за 21-век, најчесто спласнуваше. Би сакала присутните од училиштата погрешно да ја процениле ситуацијата.

недела, 8 ноември 2009 г.

140 НАСТАВНИЦИ ДОБИЈА СЕРТИФИКАТИ

На почетокот на октомври првите 140 наставници добија сертификати за завршена обука и оспособеност за примена на нови приоди во оценувањето. Со оглед на тоа што обуките до јануари оваа година ги завршија околу 1600 наставници од 60 училишта, тоа и не е баш голем процент.
По завршувањето на четвородневните работилници за примена на стандардите за оценување се очекува наставниците да се обидат да применат некои од новите приоди во оценувањето и во наставничкото портфолио да ги собираат планирањата, инструментите што ги користеле, оценетите трудови. Од поамбициозните наставници се очекува да испланираат мало акциско истражување и да изготват студија на случај. И кога тоа ќе го документираат пред тимот во училиштето може да добијат цертификат за завршена обука и оспособеност за примена на нови приоди во оценувањето. Знаејќи дека речиси сите наставници по обуките примениле некои од приодите што беа дел од обуките очекувавме поголем број наставници да бидат заинтересирани за добивање сертификати.
Навистина, сеуште не се знае дали и колку тие ќе бидат земани при напредувањето на наставниците, но зошто да ги немате ако веќе ги применувате новите приоди? Може би во некои училишта нема иницијатива на ниво училиште да се спроведе процесот на цертификација, но во тој случај зошто заинтересираните наставници да не преземат иницијатива?

вторник, 20 октомври 2009 г.

ВО КОЈА НАСОКА СЕ ДВИЖАТ ПОСТИГАЊАТА НА НАШИТЕ УЧЕНИЦИ?

Ако се гледа времето изминато од последното мое писание може да се заклучи дека не сум имала инспирација. Впрочем блогот треба да биде повеќенасочна комуникација, а јас на моите размислувања добивам малку реакции.

Повод за сегашново пишување е текстот во “Edukation week”, (весник за образование од САД) од 14-ти октомври во кој со загриженост се коментира извештајот од последното Национално оценување на напредокот во образованието (NAEP) , според кој за прв пат од кога се спроведува ова мерење, а се спроведува од 1990 година, постигањата на учениците по математика во 4-то одделение, не се подобриле. (Инаку, за помалку информираните, ова мерење на постигањата по англиски јазик и по математика се изведува на примерок на ученици од 4-то и 8-мо одделение, на секои две години. Методологијата овозможува споредување на резултатите од мерењата во различни години).

Многу земји ја градат својата образовна политика врз основа и на сознанијата од вакви мерења на постигањата. Тие им овозможуваат да следат дали промените што ги прават резултираат со подобрување на постигањата.

Што правиме ние? Што се случува со постигањата на нашите ученици? Дали тие се подобруваат или опаѓаат? Дали мерките што се преземаат за подобрување на образованието навистина придонесуваат за повисоки постигања на учениците? Знам многумина што мислат дека ги знаат одговорите на овие прашања, но исто така знам дека никој од нив нема докази. Едноставно (нели?) во Македонија не се прават екстерни мерења на постигањата на учениците, што ќе бидат така методолошки засновани да можат да дадат релевантен одговор за трендот во постигањата на учениците. Туку што почнаа (во 2001 година) националните оценувања на постигањата на учениците престанаа после првите мерења, а повеќе не учествуваме ни во меѓународни мерења. Од последните на кои учествуваме знаеме дека од 1999 до 2003 година постигањата по математика и по природни науки на крајот на 8-мо одделение се намалени (TIMSS– 2003) и дека постигањата во читање со разбирање на крајот на 4-то одделение во 2005 година биле исти како во 2001-ва година (PIRLS – 2005). А претпоставувам дека сите знаат дека постигањата на нашите ученици се под меѓународниот просек (на земјите што учествувале во мерењата).

Вчера министерот за образование го образлагаше предлогот за промени во Законот за основно образование, а дел од нив се однесуваа на користење на податоците од екстерно оценување за унапредување на наставниците. Не слушнав дека се планираат екстерни оценувања со цел да се следи напредокот на постигањата во целиот образовен систем. (Тие што се разбираат во мерења од овој тип знаат дека ист вид мерења не можат да се користат и за наградување/казнување на наставниците и за следење на напредокот на системот во целина). Дали тоа значи дека државата не ја интересира што се случува со постигањата на нашите ученици? Врз основа на што ќе ја проценува ефикасноста на чекорите за унапредување на образоването што ги презема?

Ако веќе немаме мерења ајде да си направиме анкета? Одете на почеток и одговорете на прашањето.

вторник, 4 август 2009 г.

ЗОШТО Е НАМАЛЕН БРОЈОТ НА ПОСЕТИТЕЛИ НА БЛОГОВ?

Од како започна летниот распуст забележувам дека бројот на посетите на овој блог многу се намали. Причина?
(1) Или станува здодевен;
(2) Или наставниците се вистински на распуст (сметам дека тие најчесто го посетуваат овој блог);
(3) Или наставниците немаат интернет дома, а мозе ви ни компјутер;
(4) Или дома не можат да дојдат до компјутер од нивните деца кои, бидејки се на распуст, повеке го користат компјутерот.
Нејсе. Очекувам на есен да бидете поактивни. Ќе има компјутери и интернет во училиштата (се надевам). А ако ова што го пишувам не е интересно, предложете тема, напишете ваше гледање...

Убав одмор, каде и да сте.

Горица