вторник, 8 февруари 2011 г.

ШТО Е БИТНО ЗА ДА БИДЕМЕ УСПЕШНИ

Во последно време многу се занимавам со прашањето: Зашто некои училишта и накои наставници се многу поуспешни во примената на квалитетно формативно оценување од други?
Ги анализирам извештаите од посети, евалуации, разговарам со колеги, барам врски...
Имав прилика, а би рекла и среќа, да разговарам и со Ерик Рустен, нашиот шеф од Америка, како што неофицијално си го викаме. Исклучително креативен човек.
Идејата што во последната средба ја дискутиравме некако многу “ми легна“. Според него за за успех е најважно:
Ј - Јасна цел
А - Автономија
С - Стручност

Јасна цел - Се добива како одговор на прашањето: Зошто јас ја работам оваа работа? За луѓе што работат во образованието не е тешко да се има цел. Тоа се учениците, нивниот развој, знаењата што треба да ги стекнат. За некои други професии можеби е потешко да се најде така важна смисла. Не сметам на одговорите: Работам за да преживеам и сл.

Автономија - Се добива како одговор на прашањето: Колкава слобода имам да одлучувам за тоа како треба да ја работам својата работа? Некои наставници мислат дека тие се “газди“ на часовите, дека најдобро знаат што и како треба да работат. Други сметаат дека имаат многу ограничена слобода, дека што и како ќе работат им е премногу диктирано од наставните програми, Бирото, Инспекторатот, Министерството, стручните служби, проектите ... дури и “родителите си земаат право да ни кажуваат како да работиме. Зошто на докторите не им кажуваат како да ги лекуваат?“

Стручност - Се добива како одговор на прашањето: Дали знам да ја работам наставничката работа? Тоа што некој завршил соодветен факултет, не значи дека автоматски станал добар наставник. На прашањето во една меѓународна студија: Дали сте квалификувани за наставничката професија, Македонија е прва по процентот на наставници што одговориле дека се квалификувани, а според постигањата на учениците Македонија беше при дното. Денес сенешто се бара од наставниците: да учат како да применуваат нови методи, како да користат ИКТ, како да оценуваат, решаваат конфликти, работат со деца со специјални потреби ... Не е лесно да си стручен во современи услови.

Е сега: Кај колку луѓе што работат во образованието имаат добро ЈАС, добра комбинација на јасна цел, голема автономија и висока стручност?

четврток, 9 декември 2010 г.

ФОРМАТИВНО И СУМАТИВНО ОЦЕНУВАЊЕ

Тие што се занимаваат со проблематиката на оценувањето на учениците знаат дека суштината на оценувањето е формативното оценување. Неговото влијание врз подобрување на наставата и учењето (или обратно) е многу посилно од влијанието на сумативното оценување. Дури се вели: “Оценките се само нуспродукт на процесот на оценување, можно е учење и без нив.“ Некои ќе се сложат со ова, некои не (особено оние што ги користат оценките за мотивирање на учениците).
Но, како и да е, и оние што се убедени дека доброто формативно оценување
е суштина на процесот на оценување во нашиот систем се соочуваат со сериозни тешкотии кога треба да ја изведат сумативната оценка.За помалку упатените формативно оценување е оценувањето во текот на учењето и суштина му е да се даде повратна информација на ученикот што ќе му помогне да напредува кон поставените цели и од друга страна ќе му помогне на наставнинот да ја прилагоди наставата, такашто таа ќе му даде соодветна подршка на ученикот во учењето. Во што е проблемот? Во државата недостигаат добро емпириски засновани описи на различни нивоа постигања по наставни предмети, за кои лесно ќе може да “врзат“ оценките. Во програмите има очекувани исходи, но тие се уште еднаш пречистен опис на она што се очекува како резултат од поучувањето. Од минатата година има и критериуми за оценки, во кои по определен начин треба да се сместат реалните постигања на очекуваните исходи. Проблемот е што нема никакви емпириски докази колку тие се реални (превисоки? прениски?). Има реакции дека се тешко употребливи.
Затоа наставниците (во подобар случај училиштата) си имаат свои критериуми според кои си оценуваат. Како резултат на тоа оценките на учениците дадени од различни наставници се речиси неспоредливи. Не ги земам тука предвид подлегнувањата на притисоци, попуштања, оценки дадени како казна за недисциплина и сл., туку само оние оценки за кои самиот наставник смета дека се реални.
Оваа состојба, особено ако се има предвид настојувањето за објективно оценување (што е крајно легитимно, но не и одделни начини како што се обидува тоа да се обезбеди), ја наметнува потребата повторно системски да се навратиме на определување на нивоа на постигања за одделни оценки, во различни предмети, со цел наставниците со мирна совест да ги преточат информациите што ги имаат за постигањата на учениците во оценки, а сите ние, од родители до инспектори да не се сомневаме во реалноста на оценките.

понеделник, 22 ноември 2010 г.

ИМАМЕ ШТО ДА (ПО)КАЖЕМЕ ЗА ОЦЕНУВАЊЕТО

Извесно време не пишував ништо на блогов, малку затоа сто немав време, малку затоа што немав инспирација. Не сакав да бидам инспирирана од нешта кои се негативни.
Сакам да напишам за две убави работи што се случуваа(т).
Пред 15-тина дена со група наставници бев повикана на воведна конференција за Проектот за основно образование на Косово, што туку што започнува. За полесно да ги испланираат активностите, ние требаше да презентираме што и како работиме во Проектот за основно образование во Македонија и, се разбира, што сме постигнале. Бев горда како наставниците ја презентираа сопствената пракса, која, се разбира, вклучува и квалитетно оценување. Прикажаа модерна, инспиративна настава и покажаа дека им е јасно што сакаат нивните ученици да постигнат и како ја организираат наставата за тие да стигнат до поставените цели. Тоа што го прикажаа можеше да биде урнек на добра настава каде и да е, а не само пред луѓето за образование од Косово и претставниците на меѓународната заедница, кои навистина беа бројни. Убаво беше да си од Македонија.

Другата убава работа се подготвува од сега, а ќе се случи во мај. Се работи за конференцијата Оценување за учење во 21 век.
Зошто конференција? Стручна конференција правиме кога имаме критична маса на професионалци кои имаат што да презентираат и умеат да го направат тоа. Претходниве четири години, сметам, дека се направија значителни промени во оценувањето, со поместување на фокусот во оценувањето од ставање оценки кон поддршка на учениците во учењето. Многу наставници, како што колегата Сатки Исмаили кажа во Приштина, се различни наставници од оние што беа пред 4 години. Тие го сменија начинот на оценување, имаат докази за тоа какво оценување повеќе придонесува за учењето на учениците, а какво не помага многу. Тие ја истражуваа својата пракса и имаат што да споделат со другите. Имаат што да споделат за оценувањето и директорите и стручните работници. Затоа сметам дека сега е вистинско време за стручна конференција за оценувањето.
Ако ви е инспирација, ќе ви кажам дека воведи излагачи ќе бидат д-р Пол Блек (Paul Black) од Велика Британија и д-р Јосе Нојонс (Jose Nojons) од Холандија. Тие што се интересираат за оценувањето знаат кои се тие.
Задолжително отворете ја веб страната на ПЕП и во делот за оценување информирајте се за конференцијата. И бидете дел од неа.

сабота, 9 октомври 2010 г.

ЗА ЕЛЕКТРОНСКИОТ ДНЕВНИК

Одговорите на анкетата за електронскиот дневник ме поттикнаа да се вклучам во дискусијата. Гледам мислењата се поделени. Општините што воведуваат електронски дневник на големо го рекламираат како решение на проблемите со оценувањето. Настрана, тоа што барем половина од семејствата немаат интернет пристап (според некои последни анкети што деновиве ги прочитав во весник). Во наредниот период сигурно е дека состојбите со интернет пристапот брзо ќе се подобруваат.

Нема сомнение дека родителите треба да бидат информирани за оценките на нивните деца. Најдобро би било кога тие со децата би воспоставиле таков однос детето само да им каже и објасни каква оценка добило, зошто е тоа така и што понатаму. Не ми се допаѓа електронскиот дневник да биде начин на шпиунирање на нашите деца. Демек, тие ги кријат оценките од родителите, а електронскиот дневник е “шпионката“ низ која родителите ќе ѕирнат и ќе ја откријат лагата. И што потоа? Што ќе направи родителот на детето на кое не му верува? Најверојатно ќе го искара. И како тоа ќе му помогне на детето подобро да учи и да постигне резултат што за последица ќе има подобра оценка. Дали тоа ќе биде поттик родителот да дојде во училиште или кога ја знае оценката нема што да доаѓа во училиште (освен ако нема намера да бара интервенција за оценката да се поправи).

Да ја разгледаме и другата група родители и деца. Децата им ги кажуваат на родителите оценките, кои главно се добри, родителите проверуваат во електронскиот дневник дека детето не лажело. И тој родител, особено ако е зафатен, а сите сме, нели, многу зафатени, не чувствува потреба да контактира со наставниците. Дали и училиштето се чувствува “пораат“ ако што помалку родители доаѓаат во училиште? Дали и на родителите на тие деца не им се потребни и други информации за нивното дете што може да ги добие само од наставниците? Дали и тие деца не може да бидат уште подобри, а наставниците може да им дадат совет на родителите за идниот развој на детето?

Знам дека има обиди електронските дневници да овозможуваат и посуштествена комуникација меѓу училиштето (е-мејлови, дискусиони групи, блогови, анкети ...). Не знам како е тоа во пракса. Би било интересно доколку се разменат искуствата. Сигурно ќе биде корисно ако училиштата направат истражувања на промените што настануваат во комуницирањето со родителите, учењето и однесувањето на учениците откако е воведен електронскиот дневник. Тоа ќе помогне и за подобрување на електронскиот дневник и за градење нови стратегии за комуницирање со родителите и давање поддршка на учењето на децата.

среда, 1 септември 2010 г.

НОВА УЧЕБНА ГОДИНА ! СУПЕР!

На сите поврзани со образованието им посакувам успешна учебна година.
На наставниците и учениците со задоволство да одат во училиште и да се радуваат на успесите.
Горица

петок, 13 август 2010 г.

ЈОВО НА НОВО ИЛИ СО ЗАДОВОЛСТВО ПО НОВО

Како што пишував минатиот пат за крајот на годината, сега е време за почетокот на новата година (нели таа нас ни почнува во септември, но со децата, а со колегите веќе на 16-ти август). Како се чувствувате кога размислувате за новата учебна година?
Има наставници што се чувствуваат како децата од одделенска настава: мислат да си облечат нешто ново што си го купиле летово, ги листаат учебниците за оваа година (ако се нови) или се потсетуваат што можат убаво да направат оваа година, а не им успеало лани, се радуваат што ќе се сретнат со колегите и колешките.
Има други наставници што си мислат: Леле пак ли истите нервози со ученици што не учат, со родители што бараат оценки, со директорот на кого за ништо не му е гајле, па уште и инспекторатот “измислува“ некакви си оценувања на наставниците.
Работите може да изгледаат и вакви и онакви, како чашата со вода: полупразна или полуполна.
Оние од првата група сите ги сакаат повеќе (затоа што се подотерани, насмеани, подготвени за убав разговор), а и тие самите си се чувствуваат полни со енергија. А зошто секој од нас на почетокот на новата година не тргне на работа со добра воља да соработува со колегите и да ја иницира таа соработка, да внесе новини во наставата (па нели сите бевме на куп семинари?) за нам, а не само на учениците да ни биде поинтересно. Ако нештата ни се интересни, помотивирано сме да ги работиме и така имаме и подобри резултати. тогаш ќе имаме и помалку ученици што не учат и со родителите полесно ќе излеземе на крај (може и нив да ги вклучиме во некои активности) и директорот и инспекторите ништо не ни можат ако си ја работиме добро работата. Можат на пример да не пофалат.
Јас одвај го чекам почетокот на наставната година повторно заедно да работиме.
Успешен почеток.
Горица

П.С.
Бев разочарана што на минатиот текст за објективноста на оценувањето немаше коментари. Дали молчењето значи согласување?