Едно од првите нешта каде што децата се соочуваат со општествена неправда е неправедното оценување. Не сакам да го наречам корупција, затоа што често зад него стојат добри намери од типот “да му се помогне на некој ученик“, но намерите не можат да ја избришат неправичноста.
Доаѓа крајот на наставната година и учениците, родителите, роднините и пријателите ги активираат своите врски за добивање повисоки оценки од заслужените. Наставниците не можат секогаш да одолеат на тие притисоци, а некои и не сакаат. “Па добро, никој нема да изгуби ако некому му се подари оценка“, се оправдуваат. Дали е навистина така? На што таквите појави ги учат децата? За да успееш (во училиштето тоа значи да имаш високи оценки) не е битно сериозно да учиш, туку, доволно е да имаш врски, тоа е пораката. И така почнува да се формира однос кон работата, успехот, кон другите, кон етичноста.
Некој, може би ќе каже: Таков е животот, такво ни е општеството. Дали сакаме да ни биде такво? На повеќето тоа им пречи. Може секој од нас како наставник, директор, родител, ученик да направи мал чекор ова да се промени.
Во УСАИД Проектот за основно образование е изготвен Етички кодекс за оценувањето на постигањата на учениците, којшто е подржан од сите релевантни субјекти. Лесно е да се поддржи, тешко е да се примени. Во некои од пилот училиштата во компонентата: Унапредување на оценувањето во основните училишта во спомнатиот Проект се преземени активности за подигање на етичноста во оценувањето. Можеби и училишта што не се дел од овој Проект, исто така имаат високи етички стандарди кога е оценувањето во прашање. Сигурно знаете и наставници кои почитуваат високи етички вредности во оценувањето на учениците. Може би и вие сте работник во просвета, родител или ученик кој умее да се справи со неетичноста во оценувањето. Ако на обој блог ги споделите искуствата со другите ќе дадете уште еден придонес кон промовирање на вистински вредности. Дали ќе звучи како фраза дека нема големи промени додека секој од нас не направи барем своја мала промена во вистинска насока?
ИНФОРМАЦИИ И ПРИЈАВА ЗА НАУК
Пред 14 години