среда, 28 декември 2011

ЗА САМООЦЕНУВАЊЕТО НА УЧЕНИЦИТЕ И НИВНИТЕ ПОРТФОЛИЈА

Деновиве ги читав извештаите од училишните обуки за унапредување на оценувањето во средните училишта. Покрај многте позитивни искажувања за корисноста на обуките, во дел од извештаите беше содржано дека наставниците имаат резерви во врска со можноста за самооценување на учениците и за водење портфолија. А тоа ми се омилени методи на оценување затоа си дозволувам да споделам некои свои размисли за нив.
Сигурно сите се согласуваме дека повеќето ученици не умеат објективно да се самооценат, а и дека е важно секој да има реална слика за себе си без оглед дали се работи за нашите знаења или за некои други особини. А како ќе научат учениците сами да си проценат во што и колку се добри и како може да се подобрат ако не ги ставаме во ситуации тоа да го прават? Дали тоа секогаш одзема многу време? Може да се биде рационален. На пример, може да им ги кажеме очекуваните исходи и бараме да прибираат докази до каде се во нивното постигнување, да им ги кажеме инструментите што ќе ги користиме за оценување на пр. аналитички листи, листи за проверка и бараме сами или меѓусебно да ги користат. Ако оценуваме пишан труд или продукт ќе ни олесни ако ученикот претходно сам си го оценил користејќи ги истите инструменти, а потоа му дадеме самиот да види кои аспекти различно ги оценил. Така учениците подобро ќе разберат што од нив се очекува и ќе умеат пообјективно да се оценат. Се разбира вклучувањето на учениците во оценувањето никако не значи дека нивните самопроценки автоматски треба да ги прифатите. Клучна цел е тие да се подобруваат во самопроценките.
Портфолиото е многу современа работа. Кога денес се бара работа се конкурира со портфолио. Затоа е важно учениците да се учат да водат свое репрезентативно портфолио што ќе ги прикаже во најдобро светло. Најчеста забелешка во врска со портфолијата е дека за нивно чување нема место. Решението е во електронските портфолија. Комјутери има, учениците се вешти во нивното користење, инспекторатот инсистира на поголемо користење на ИКТ. Наставниците може да ги прегледуваат и коментираат портфолијата во период кога ним им е најсоодветно. Знам ова не решава се, но помага во согледување на постигањата на учениците, а особено во развојот на нивните способности успешно да ги презентираат своите постигања.
Амбициозните наставници имаат многу корисни идеи и искуства. Може да ги споделите и како коментар на овој напис.
Во Новата година на сите читатели на блогов им посакувам интересна и успешна работа која ќе биде ценета како од надредените така и од учениците!