четврток, 5 февруари 2009

КАСКАДЕН СИСТЕМ НА ОБУКИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ: ДА ИЛИ НЕ?

Наставничката професија денес е далеку од стереотипот: одржи неколку часа и оди си дома. И наставата не е веќе: на наставникот е добро да им ја испредава лекцијата, а на учениците да научат (или да не научат). Ни учениците не се исти како некогаш: помалку почитуваат авторитети и јасно го покажуваат (на повеќе или помалку прифатлив начин) своето незадоволство. И родителите не велат: “Учителе, ти и Господ, прави како знаеш со него“ (се мисли на детето). Сега од наставникот се очекува да ги научи и “тешките“ деца, оние кои од разни причини имаат проблеми со учењето. Од науките што се занимаваат со образованието постојано доаѓаат нови приоди како наставата и учењето да бидат поефективни. Се воведуваат новини, се реализираат проекти, наставниците постојано мора да одат на обуки.
Се брза со промените и се очекува во релативно кус рок да се воведат во сите училишта. Од друга страна ако промените “се влечкаат“ се добива впечаток дека може и без нив или нема ефекти ако не се фронтални. На пример, училиштата што воведуваат промени во оценувањето, кои покрај другото ќе доведат и до поголема објективност, реагираа дека нивните ученици би биле онеправдани при уписот во средно образование. Сега, кога се донесени стандардите по наставни предмети и критериумите за оценки училиштата бараат обуки за различни методи и инструменти. За обуките да ги опфатат сите училишта за кратко време се преминува на каскаден систем: се обучуваат претставници од училиштата кои ќе држат обуки за своите колеги. Е тука се отвора “Пандорината кутија“: Зошто тој/таа? Тој/таа ли ќе ме учи, вчера дошла (или: нека се спрема за пензија)? и многу слични нешта.
Колку сме спремни да прифатиме дека некој колега во нешто е подобар (или научил нешто) и да прифатиме да учиме од него? При каскадните обуки може би нешто се губи од изворноста, но се добива нешто на прилагоденоста на конкретната ситуација.
За мотивација: фотографии од последните обуки за оценување.