вторник, 10 март 2009

ТРЕБА ЛИ ВО БРОЈЧАНАТА ОЦЕНКА ПО ОДДЕЛЕН ПРЕДМЕТ ДА СЕ ЗЕМЕ ПРЕДВИД И ОДНЕСУВАЊЕТО НА УЧЕНИКОТ?

Повеќе наставници, педагози и психолози во последниве неколку месеци ме прашале што мислам за прашањето во насловот. Поводот биле различните препораки во различни документи усвоени од Министерот за образование.
Во Критериумите за оценување на постигањата на учениците објавени на веб страната на Бирото за развој на образованието http://www.bro.gov.mk/podracje/kriteriumi/Kriteriumi_za_ocenuvanje.pdf стои: “наставникот при формирањето на бројчаната оценка може да ја зголеми или намали истата најмногу до 0,75% од еден степен на скалата за оценување, во зависност од наведените елементи што се однесуваат на мотивацијата, редовноста и активноста на ученикот“. Во Упатството на учениците во основното училиште што го донесе Министерот за образование и наука со решение бр. 071581/1 од 21.02. 2008 г. во делот: формирање на оценката стои: “Постигањата на ученикот (знаењата, вештините), вложениот труд, активното учество во наставниот процес и однесувањето на ученикот треба да се оценуваат посебно“ и потоа подетално е објаснето дека некогнитивните цели на наставата (однесувањето, ставовите, мотивацијата и др.) кои не се експлицитно наведени во наставната програма по предметот, не треба да влегуваат во оценката по предметот. Во Стандардите за оценување по наставните предмети ( http://www.bro.gov.mk/podracje/standardi.html ) не се содржани такви цели.
Не дека не треба да се води грижа за постигнување и на некогнитивните цели на наставата (најчесто нарекувани воспитни). Но, доколку тие се вградуваат во бројчаната оценка заедно со постигнатите знаења по предметот тогаш се намалува валидноста на оценката. Не се знае дали два ученика чии оценки се разликуваат, навистина во различен степен ги совладале наставните цели, односно ги постигнале поставените стандарди или едниот е немотивиран, незаинтересиран за предметот, а другиот е одговорен и работлив иако двата во ист степен ги постигнале стандардите. Со описното оценување тоа е добро решено: одделно се опишува однесувањето на ученикот кон учењето, а одделно постигањата по секој од наставните предмети.

Од каде произлегуваат разликите во гледањето на тоа што треба да се земе предвид, а што не во бројчаната оценка?
Од различни педагошки школи. Старата педагошка школа која имаше бихејвиористички и инструменталистички приод оценката ја користеше и како награда и казна за учениците. Додатно ги наградуваше работливите, послушните и одговорните, а ги казнуваше тие што не ги почитуваа стандардите за такво однесување.
Новите педагошки школи се конструктивистички ориентирани и оценката се користи да даде информации за тоа што и како се знае. Тие инсистираат на што поголема валидност на оценката, што е можно поточно да се знае што се е содржано во неа. Постигнатоста на целите од областа на социјалниот и емоционалниот развој обично се прикажува преку вербални описи, со бирани зборови за да не се наруши самодовербата на ученикот.

Додатна тешкотија од користењето на можноста во бројчаната оценка, со определен износ, да се засмета и спомнатото однесување на ученикот ќе произлезе и при споредбата на оценките што ги дал наставникот со резултати од екстерните тестирања. Во тестовите не може и нема да бидат вградени проверка на некогнитивните цели (мотивација, работливост, одговорност и сл.). Се разбира, не заборавив дека однесувањето на ученикот кон изучувањето на определен предмет влијае на неговите постигања, но така што таквото однесување доведува до повисоки или пониски знаења и нема потреба уште еднаш да се зема предвид при определувањето на оценката. Знам дека на некои наставници оценката им се наоѓа како добар инструмент кога сакаат да дисциплинираат некои ученици, но дали така треба?
Е сега вратете се на анкетата, ако не сте одговориле пред да го прочитате моето гледање.