вторник, 10 март 2009

ТРЕБА ЛИ ВО БРОЈЧАНАТА ОЦЕНКА ПО ОДДЕЛЕН ПРЕДМЕТ ДА СЕ ЗЕМЕ ПРЕДВИД И ОДНЕСУВАЊЕТО НА УЧЕНИКОТ?

Повеќе наставници, педагози и психолози во последниве неколку месеци ме прашале што мислам за прашањето во насловот. Поводот биле различните препораки во различни документи усвоени од Министерот за образование.
Во Критериумите за оценување на постигањата на учениците објавени на веб страната на Бирото за развој на образованието http://www.bro.gov.mk/podracje/kriteriumi/Kriteriumi_za_ocenuvanje.pdf стои: “наставникот при формирањето на бројчаната оценка може да ја зголеми или намали истата најмногу до 0,75% од еден степен на скалата за оценување, во зависност од наведените елементи што се однесуваат на мотивацијата, редовноста и активноста на ученикот“. Во Упатството на учениците во основното училиште што го донесе Министерот за образование и наука со решение бр. 071581/1 од 21.02. 2008 г. во делот: формирање на оценката стои: “Постигањата на ученикот (знаењата, вештините), вложениот труд, активното учество во наставниот процес и однесувањето на ученикот треба да се оценуваат посебно“ и потоа подетално е објаснето дека некогнитивните цели на наставата (однесувањето, ставовите, мотивацијата и др.) кои не се експлицитно наведени во наставната програма по предметот, не треба да влегуваат во оценката по предметот. Во Стандардите за оценување по наставните предмети ( http://www.bro.gov.mk/podracje/standardi.html ) не се содржани такви цели.
Не дека не треба да се води грижа за постигнување и на некогнитивните цели на наставата (најчесто нарекувани воспитни). Но, доколку тие се вградуваат во бројчаната оценка заедно со постигнатите знаења по предметот тогаш се намалува валидноста на оценката. Не се знае дали два ученика чии оценки се разликуваат, навистина во различен степен ги совладале наставните цели, односно ги постигнале поставените стандарди или едниот е немотивиран, незаинтересиран за предметот, а другиот е одговорен и работлив иако двата во ист степен ги постигнале стандардите. Со описното оценување тоа е добро решено: одделно се опишува однесувањето на ученикот кон учењето, а одделно постигањата по секој од наставните предмети.

Од каде произлегуваат разликите во гледањето на тоа што треба да се земе предвид, а што не во бројчаната оценка?
Од различни педагошки школи. Старата педагошка школа која имаше бихејвиористички и инструменталистички приод оценката ја користеше и како награда и казна за учениците. Додатно ги наградуваше работливите, послушните и одговорните, а ги казнуваше тие што не ги почитуваа стандардите за такво однесување.
Новите педагошки школи се конструктивистички ориентирани и оценката се користи да даде информации за тоа што и како се знае. Тие инсистираат на што поголема валидност на оценката, што е можно поточно да се знае што се е содржано во неа. Постигнатоста на целите од областа на социјалниот и емоционалниот развој обично се прикажува преку вербални описи, со бирани зборови за да не се наруши самодовербата на ученикот.

Додатна тешкотија од користењето на можноста во бројчаната оценка, со определен износ, да се засмета и спомнатото однесување на ученикот ќе произлезе и при споредбата на оценките што ги дал наставникот со резултати од екстерните тестирања. Во тестовите не може и нема да бидат вградени проверка на некогнитивните цели (мотивација, работливост, одговорност и сл.). Се разбира, не заборавив дека однесувањето на ученикот кон изучувањето на определен предмет влијае на неговите постигања, но така што таквото однесување доведува до повисоки или пониски знаења и нема потреба уште еднаш да се зема предвид при определувањето на оценката. Знам дека на некои наставници оценката им се наоѓа како добар инструмент кога сакаат да дисциплинираат некои ученици, но дали така треба?
Е сега вратете се на анкетата, ако не сте одговориле пред да го прочитате моето гледање.

6 коментари:

Анонимен рече...

Почитувани,
ке се осмелам прва да не се согласам во потполност со исклучувањето на воспитните цели што досега вообичаено се трудевме да ги постигнуваме. За мене исклучувањето на некогнитивните цели од делот што би влијаел на оценката е навистина незамисливо. Ако оценуваме само постигнувања кои строго се однесуваат на изучуваниот предмет, тогаш како ќе си ги воспитаме децата да станат целоживотни ученици, да не се откажуваат при првата пречка, да веруваат во себе, да се изградат во независни мислители, да го негуваат својот талент.... Не можам да не помислам дека ќе почнеме да се стремиме кон создавање стручњаци-генијалци, ако сакате, кои ако од најрани години не биле соодветно насочувани кон конструктивна примена на знаењата можат да станат и закана за општеството.
Да не ме сфатите погрешно, јас не гледам ништо лошо во екстерното оценување, ниту во критериумите за оценување што сега се промовираат,но тоа да се воведе најрано во осмото одделение од деветолетката.Сметам дека треба да ги оставиме претходните одд. (5, 6, 7 од деветолетката)како преодна форма од описното кон бројчаното оценување по новите критериуми. Под тоа подразбирам дека би требало наставникот да располага барем со една оценка повеќе (или помалку)која би ја доделил на ученици кои вложуваат извонредно голем труд, исполнителни се во работата дома и во училиште, но сепак нивните можности да го совладаат предметот се просечни.
Се надевам нема погрешно да ме разберете(се трудев на кратко да го образложам моето мислење), јас сум човек за промени , но овојпат сметам цената е превисока.
Со почит кон сите истомисленици и неистомисленици,
Д.Димишковска, наст. по математика

GE-VI рече...

Здраво Горице и останати почитувани колеги.
Последната констатација ти е сосема на место. Некои наставници ја користат оценката за да воспостават ,,работна атмосфера,, на часовите. Ако стигнале до таа мера, да го задржуваат вниманието на учениците само преку оценката, тогаш не би сакал да сум на местото на тие ученици. Јас постојано во секоја прилика, вклучувајки ги и семинарите во кои наставниците ги обучуваме за примена на стандардите за оценување, ја истакнувам девизата:,,Оние што САКААТ да учат, знаат повеќе од оние што МОРААТ да учат,,. Многу добро е кажано во критериумите за оние +/- 0,75% и сметам дека тоа е доволно. Неможе некој да добие одлична оценка затоа што седи,,мирен,,на часовите, учи по 10часа дома, а неговото знаење е на прво-второ ниво на скалата.Со новите критериуми директно ги стимулираме учениците на квалитативно учење, а не на квантитативно.Пред нив стојат јасно дефинирани цели и ние го цениме степенот на нивно остварување.Ако треба да се истрчаат 100 метри, нема да биде награден некој само затоа што трчал, ако тоа трчање е во место и тој не стигнал на целта.
Во врска со коментарот на претходната колешка во врска со екстерното оценување и новите критериуми, сметам дека 8 одд. е веќе доцна, бидејќи учениците подобро се прилагодуваат на промени во помала возраст. А, и размислете подобро. Ако започнат со новите критериуми, тогаш нема да има потреба за промени, бидејќи учениците веќе се навикнати на новите стандарди. Зошто да ги учиме на еден начин, па после неколку години да им кажуваме дека се потребни промени?
Ова го кажувам со цел да ги охрабрам сите што се скептични во врска со примената на стандардите за оценување.Јас ги применувам и многу сум задоволен.Бидете упорни и успехот нема да изостане.
Поздрав, Сашко Стефановски-Кочани

Анонимен рече...

Почитувана колешке,
Изгледа дека не сум го напишала доволно јасно мојот став во врска со прашањето што го дтавив на дискусија. Да појаснам: Јас не се залагам да не се води грижа за воспитните цели. Некои од нив се поважно од образовните. Се залагам да се изнајде начин за ниво оценување одделно од образовните постигања. На пр. кус опис што би бил дел од извештајот за постигнатите оценки по предметите. Има многу убави решенија во други земји. Тогаш нема да има збрки: ќе имаме и информација колку ученикот ги научил програмските содржини, а и како се однесувал кон учењето, училиштето и соучениците. Тогаш нема да има простор за компензација на недоволните постигања со одговорно однесување и работливост, ниту за “казнување“ на помалку одговорните со намалена оценка по одделен предмет. Вака одвоените искази на постигнатоста на две одделни групи цели веројатно повеќе ќе придонесат за подобро постигање и на едните и на другите цели.

Цо почит,
Горица

Анонимен рече...

Почитувана г-га Горица и колеги,
Ве разбирам потполно и во претходното Ваше излагање и сега по понудената реплика, но мојот , ајде да речеме - револт не беше насочен кон Вашето излагање туку на недореченоста на прописите и нормите за кои дискутираме. Значи сосема во ред е да најдеме начин ТОА(како ученикот се однесувал кон учењето и сл.)да го оцениме, опишеме или сеедно како ќе го наречеме, само на ученикот да му дадеме до знаење дека тоа што го вложува навистина некој го следи и вреднува, што навистина делува мотивирачки. Затоа споменав, можеби во шесто и седмо одд. би требало да се употреби некаква комбинација на описни и бројчани оценки и секако точно ке се наведе која што значи и која што оценува. Не мора да сум во право, јас само кажав свое мислење што се базира на искуството од мојата работа со учениците. Вие долго време се занимавате со оваа проблематика и го ценам и почитувам Вашиот став, но ќе ми дозволите малку скептичност, зашто јас сепак сум математичар, а ние се додека не ги докажеме работите ги гледаме малку поинаку.Поздрав!ingerst

Анонимен рече...

Почитувана,
Го ценам Вашето мислење и искуство во настава, како и мислењето на сите други што на анкетата одговараат со “да“. Ми се чини дека Вие и јас во основа не се разликуваме. Ми се допаѓа и Вашата идеја за комбинирано (описно и бројчано)оценување. Во последната Концепција за основно образование има таква заложба, но за жал не се преточи во нормативно решение.
Што сега? Се чини дека секој ќе продолжи кон ова прашање да се раководи според сопственото убедување.
Поздрав до сите што умеат да ги бранат сопствените ставови.

Анонимен рече...

Почитувани колеги,
мислам дека овој блог е навистина место каде што секој од нас може да го даде своето мислење, да го сподели со другите и да слушне и туѓо мислење.
Редовно го посетувам и гласам во врска со најразличните теми на дискусија.
Конкретно за последната уште на самиот почеток го дадов своето мислење дека во бројчаната оценка по одделен предмет не треба да се земе предвид и однесувањето на ученикот. Мора да напоменам,лично сметам дека однесувањето на ученикот е многу важна компонента на наставата, училиштето е и воспитна установа, но истото не треба да влезе во бројчаната оценка која е степен на постигнатост на наставните цели. Наведените елементи би требало да се оценуваат на некој друг начин но во никој случај не би смееле да влезат во бројчаната оценка.
И во самиот Закон за основно образование стои дека оценувањето се врши според стандардите, а во нив никаде не стои дека треба да се оценува и однесувањето на ученикот. Темава е интересна за дискусија и би било добро што повеќе колеги да земат учество во неа.
Со почит,
Маја Виденовиќ