Постигањата на учениците во основното образование во Македонија:

недела, 08 ноември 2009

140 НАСТАВНИЦИ ДОБИЈА СЕРТИФИКАТИ

На почетокот на октомври првите 140 наставници добија сертификати за завршена обука и оспособеност за примена на нови приоди во оценувањето. Со оглед на тоа што обуките до јануари оваа година ги завршија околу 1600 наставници од 60 училишта, тоа и не е баш голем процент.
По завршувањето на четвородневните работилници за примена на стандардите за оценување се очекува наставниците да се обидат да применат некои од новите приоди во оценувањето и во наставничкото портфолио да ги собираат планирањата, инструментите што ги користеле, оценетите трудови. Од поамбициозните наставници се очекува да испланираат мало акциско истражување и да изготват студија на случај. И кога тоа ќе го документираат пред тимот во училиштето може да добијат цертификат за завршена обука и оспособеност за примена на нови приоди во оценувањето. Знаејќи дека речиси сите наставници по обуките примениле некои од приодите што беа дел од обуките очекувавме поголем број наставници да бидат заинтересирани за добивање сертификати.
Навистина, сеуште не се знае дали и колку тие ќе бидат земани при напредувањето на наставниците, но зошто да ги немате ако веќе ги применувате новите приоди? Може би во некои училишта нема иницијатива на ниво училиште да се спроведе процесот на цертификација, но во тој случај зошто заинтересираните наставници да не преземат иницијатива?

вторник, 20 октомври 2009

ВО КОЈА НАСОКА СЕ ДВИЖАТ ПОСТИГАЊАТА НА НАШИТЕ УЧЕНИЦИ?

Ако се гледа времето изминато од последното мое писание може да се заклучи дека не сум имала инспирација. Впрочем блогот треба да биде повеќенасочна комуникација, а јас на моите размислувања добивам малку реакции.

Повод за сегашново пишување е текстот во “Edukation week”, (весник за образование од САД) од 14-ти октомври во кој со загриженост се коментира извештајот од последното Национално оценување на напредокот во образованието (NAEP) , според кој за прв пат од кога се спроведува ова мерење, а се спроведува од 1990 година, постигањата на учениците по математика во 4-то одделение, не се подобриле. (Инаку, за помалку информираните, ова мерење на постигањата по англиски јазик и по математика се изведува на примерок на ученици од 4-то и 8-мо одделение, на секои две години. Методологијата овозможува споредување на резултатите од мерењата во различни години).

Многу земји ја градат својата образовна политика врз основа и на сознанијата од вакви мерења на постигањата. Тие им овозможуваат да следат дали промените што ги прават резултираат со подобрување на постигањата.

Што правиме ние? Што се случува со постигањата на нашите ученици? Дали тие се подобруваат или опаѓаат? Дали мерките што се преземаат за подобрување на образованието навистина придонесуваат за повисоки постигања на учениците? Знам многумина што мислат дека ги знаат одговорите на овие прашања, но исто така знам дека никој од нив нема докази. Едноставно (нели?) во Македонија не се прават екстерни мерења на постигањата на учениците, што ќе бидат така методолошки засновани да можат да дадат релевантен одговор за трендот во постигањата на учениците. Туку што почнаа (во 2001 година) националните оценувања на постигањата на учениците престанаа после првите мерења, а повеќе не учествуваме ни во меѓународни мерења. Од последните на кои учествуваме знаеме дека од 1999 до 2003 година постигањата по математика и по природни науки на крајот на 8-мо одделение се намалени (TIMSS– 2003) и дека постигањата во читање со разбирање на крајот на 4-то одделение во 2005 година биле исти како во 2001-ва година (PIRLS – 2005). А претпоставувам дека сите знаат дека постигањата на нашите ученици се под меѓународниот просек (на земјите што учествувале во мерењата).

Вчера министерот за образование го образлагаше предлогот за промени во Законот за основно образование, а дел од нив се однесуваа на користење на податоците од екстерно оценување за унапредување на наставниците. Не слушнав дека се планираат екстерни оценувања со цел да се следи напредокот на постигањата во целиот образовен систем. (Тие што се разбираат во мерења од овој тип знаат дека ист вид мерења не можат да се користат и за наградување/казнување на наставниците и за следење на напредокот на системот во целина). Дали тоа значи дека државата не ја интересира што се случува со постигањата на нашите ученици? Врз основа на што ќе ја проценува ефикасноста на чекорите за унапредување на образоването што ги презема?

Ако веќе немаме мерења ајде да си направиме анкета? Одете на почеток и одговорете на прашањето.

вторник, 04 август 2009

ЗОШТО Е НАМАЛЕН БРОЈОТ НА ПОСЕТИТЕЛИ НА БЛОГОВ?

Од како започна летниот распуст забележувам дека бројот на посетите на овој блог многу се намали. Причина?
(1) Или станува здодевен;
(2) Или наставниците се вистински на распуст (сметам дека тие најчесто го посетуваат овој блог);
(3) Или наставниците немаат интернет дома, а мозе ви ни компјутер;
(4) Или дома не можат да дојдат до компјутер од нивните деца кои, бидејки се на распуст, повеке го користат компјутерот.
Нејсе. Очекувам на есен да бидете поактивни. Ќе има компјутери и интернет во училиштата (се надевам). А ако ова што го пишувам не е интересно, предложете тема, напишете ваше гледање...

Убав одмор, каде и да сте.

Горица



вторник, 21 јули 2009

За критериумите за оценување

Ако не Ви се чита целиов текст што го започнав “од дедо Ное“, може да ги прочитате само двата последни пасуси и да одговорите на анкетата. Ако сте навикнати да читате се од почеток до крај повелете продолжете.

Од кога знам за себе критериумите за оценување се стално актуелна тема во образованието. Веројатно не е само кај нас туку и во други земји.
Непосреден повод за ова “писание“ ми се резултатите од матурата и разни јавни и приватни реакции на нив. Ќе се задржам само на оние што се однесуваат на критериумите за оценување. Генерално, реакциите се во насока дека на екстерните матурски испити ученици што имале 5-ки, добивале тројки, дека имало само 5% петки, дека критериумите биле строги или тестовите биле тешки.
Од друга страна, кога се во прашање оценките на учениците во сите степени на образованието неподелено е мислењето на професионалната и лаичката јавност дека тие не се реални, дека многу се попушта на крајот на годината, дека голем дел ученици без да научат добиваат 5-ки, дека во некои паралелки 80% ученици се одлични и сл.
Од трета страна на меѓународните мерења на постигањата ПИСА, ТИМСС, ПИРЛС процентот на ученици во сите нивоа на постигања е под меѓународните просеци.
Од четврта страна... Не мора да има четврта страна, доволни се трите наведени.
Што ми е идејата? Прашањето е: Како треба да ги поставиме критериумите за оценување за да се совпаѓаат екстерните (на пр. од матурата) и интерните (дадени од наставниците) оценки, националните (во нашата држава) и меѓународните (оние од меѓународните оценувања). За жал за знаењето нема општо прифатена мерка, како што е тоа пример со мерките за физичките големини. 1 метар си е секаде 1 метар. 5-ка не е секаде иста петка. Дури кога е мерењето должина во прашање требало време и аргументи да се прифати дека тоа е најсоодветна мерна единица. Кога е знаењето во прашање секоја земја за себе настојува да изгради што пообјективни мерки што сите (државни образовни власти, наставници и ученици) исто ќе ги разбираат и исто ќе ги применуваат. Со глобализацијата се настојува и земјите да ги усогласат очекуваните нивоа на постигања. Значи во прашање се конвенции. Нема правила, ни емпириски ни теоретски поставени норми колкав број/% на 5-ки, 4-ки... е нормално да има во еден образовен систем, во едно училиште, по еден наставен предмет... Бидејќи образовните постигања се многу поврзани со способностите на учениците (кои се распределуваат нормално) често се прифаќа дека и оценките треба да имаат нормална дистрибуција. Други, пак, велат дека ако програмите се соодветни, наставата и учебните помагала квалитетни, тогаш процентот на повисоки оценки е поголем од оној со нормална распределба.
Ја фативте поентата? Сакав да кажам дека распределбата на оценките, односно критериумите за оценување се резултат на договор меѓу посакуваното и можното. Посакувано е што повеќе ученици да имаат што повисоки постигања (не само оценки), а можно е она што во мигов е реалност и нешто над тоа. Затоа, многу земји кои постојано ги подигаат постигањата на своите ученици (што се докажува со меѓународните оценувања) внимателно ги поставуваат критериумите за оценување. Златно прабило е: да бидат повисоки од постојните (за да мотивираат), но да не бидат превисоки и недостижни (за да не демотивираат). И во тој процес се вклучени голем број стручњаци за образование, стручњаци за мерења во образованието, наставници.
Кај нас Бирото за развој на образованието изготви критерими за оценки врз основа на наставните програми и експертски очекувања. Не знам дали наставниците оваа година при давањето на оценките на крајот на годината ги користеа и какво е нивното искуство: Дали тие се превисоки? Дали се прениски? Дали се баш погодени, ни превисоки, ни прениски? За нивна вистинска проценка потребни се пообјективни мерења на постигањата на учениците. Донекаде можат да помогнат и анализите на екстерните тестирања. Најдобро би било кога би имало екстерни тестирања на примерок на ученици, при што тестовите многу подобро би ги проверувале сите стандарди за одделен наставен предмет и одделение. Ако од прва не се погодени експертските критериуми за оценки тогаш тие треба да се ревидираат, па пак да се проверат и така додека не воспоставиме добри, прифатливи критериуми кои ќе стимулираат учење.
И уште нешто, еднаш воспоставените критериуми не се вечни, тие се менуваат (најчесто во насока да се заоструваат).
Ако на почетокот не сте одговориле на анкетата, ве молам направете го тоа сега и придонесете за квалитетот на критериумите за оценки.

вторник, 14 јули 2009

СЕМИНАРИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ ВО УЧИЛИШТАТА

Последен пат пишував за првото училиште што ги отпочна семинарите за унапредување на оценувањето на училишно ниво. Во меѓувреме се одржаа семинари во уште 110 основни училишта. Тоа е речиси 80% од училиштата што оваа година се вклучија во компонентата Унапредување на оценувањето во Проектот за основно образование на УСАИД. Сметам дека тоа е знак на исклучителна посветеност на овие училишта да внесат промени во оценувањето. Во овие семинари кои траат 4 дена учествуваа околу 1800 предметни наставници. Сите тие на крајот на наставната година, кога и така се оптоварени со разни административни работи, активно работеа, ја преиспитуваа својата досегашна пракса во оценувањето и според искажувањата на поголемиот број од нив научија и нови работи што ќе ги применат со цел нивните ученици да научат подобро и повеќе. Добар пример за доживотно учење. А кој ќе го даде ако не наставниците?
Честитки за ангажманот и нивниот и на обучувачите. На сите им посакувам заслужен летен одмор.
И еве неколку фотографии како доказ за работната атмосфера.
(Има и други многу убави фотографии, но вметнати се во ворд документи и не знам како да ги ставам на блогов. Ако некој знае нека ми каже)





среда, 06 мај 2009

САМООЦЕНУВАЊЕТО НА УЧЕНИЦИТЕ

Подолго време ми се вртка низ главата мислата дека има место да продискутираме за самооценувањето на учениците. Имам повеќе причини за тоа, почнувајќи од реакциите на некои од наставниците искажани на семинарите за оценување, дека не може да им дозволуваме на учениците да се самооценуваат, преку сфаќањето дека тие тоа не можат да го прават, завршувајќи со тоа како е разбрана темата самооценување и взаемно оценување на соучениците во некои од студиите на случај што ми ги имаат испратено наставниците.
Кога зборуваме за самооценување многумина може би помислуваат на одговор на прашањето од наставникот: “Што мислиш која оцена заслужуваш?“. Одговорот може да се совпаѓа со оценката од наставникот или да не се совпаѓа. Тоа е некаква информација и за наставникот и за ученикот, но малку придонесува да се подобри учењето. Ниту на ученикот, ниту на наставникот му кажува што треба да прави наставникот, а што ученикот за да научи повеќе и подобро.
Кога во современата докимологија се зборува за самооценување се мисли на нешто друго. Се мисли на процесот во кој ученикот постојано го проценува она што го прави, го споредува со целите што ги поставил (сам или со помош на наставникот), со своите претходни постигања или со квалитетни постигања на други ученици, наоѓа начини како да се подобри. Таквиот приод е природен во секојдневниот живот – нормално е да размислуваме за она што го работиме, да проценуваме како и колку добро го работиме и што и како може да подобриме. Во училишното учење затоа што, најчесто, е многу диригирано од наставникот (тој кажува што и како учениците треба да прават), учениците, често, престануваат да се однесуваат природно кон сопствената работа и одговорноста за оценувањето и за постигањата се префрлува на наставникот (“Направив како што ми кажа наставникот, не знам што сака уште“ и слични реакции). Тогаш ученикот се става во пасивна улога во однос на учењето, прави она што ќе му биде кажано, не размислува доволно за тоа што е смислата и целта на активноста (освен наставникот да биде задоволен), како ни за тоа колку начините на работа/учење што ги користи се ефикасни. Таквиот однос му отежнува сам да го подобрува своето учење и не го оспособува да учи самостојно. Од друга страна наставникот е лишен од можноста да добие дополнителни информации за тоа дали на ученикот му е јасно што треба да постигне, како учи, на кои потешкотии наидува, како се обидува да ги надмине. Ваквите информации може да му користат за да му помогне на ученикот да учи поуспешно.
Меѓутоа, бидејќи школското учење не е едноставна работа, на повќето ученици не им е едноставно да “научат како да учат“ и згора на тоа да можат да го проценуваат сопственото учење и постигањата. Оспособувањето на ученикот за самооценување бара тој да биде упатуван од почетокот на школувањето во тоа што треба да научи, каква е смислата на тоа што го учи, како најлесно и најдобро може да го научи, како да знае дали тоа што го направил/научил е доволно добро, како може да го подобри. Не е едноставна работа. Колку ученици на крајот на основното образование можат успешно да се самооценуваат?

четврток, 16 април 2009

СЕМИНАРИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА НИВО НА УЧИЛИШТЕ

Пред извесно време на овој блог беше поставено прашањето за успешноста и прифатеноста на каскадниот систем на обука. Ме израдува дека поголемиот процент од тие што гласале во анкетата и што оставиле коментар имаа позитивен став кон обуките што ги држат нивните колеги. Всушност, дека им е сè едно кој ќе ја држи обуката доколку е таа добро изведена.
Еве потврда за добар пример на дисеминација на семинарите за формативно оценување. Училиштето “Стив Наумов“ од Скопје “го скрши мразот“ започнувајќи со семинарите на училишно ниво. Ако важи поговорката “По утрото се познава денот“, тогаш може да очекуваме квалитетни семинари и во другите училишта.
Ја користам привилигијава што ми ја дава блогов и позицијата на раководител на активностите за унапредување на оценувањето во Проектот за основно образование на УСАИД да ги пофалам колегите од “Стив Наумов“ и да ги охрабрам другите училишта. По семинарот што го следеа во јануари, членовите на тимот за оценување примениле повеќе од методите за формативно оценување. Тоа, заедно со претходните знаења и добрата подготовка на обучувачките, беше основа за еден многу успешен семинар, кој по квалитетот не заостануваше зад семинарите што се држеа на регионално ниво. За успешноста на семинарот придонесе покрај стручноста и посветеноста на тимот што го реализираше семинарот, и мотивираноста и истрајноста на наставниците кои ангажирано работеа.
Членовите на тимот кои ја спроведоа обуката во училиштето рекоа: “По малку бевме скептични дека учесниците на обуката, односно наставниците ќе бидат преморени и тоа ќе се рефлектира на ефикасноста, но се изненадивме не само од посветеноста со која работеа на сесиите, туку и од пријатната атмосфера која се создаде во текот на работењето.“ Морам да признаам дека и јас бев скептична и драго ми е што ме дементираа, имаше убава атмосфера на работа и дружење.
Ова искуство покажа дека дисеминацијата како форма за спроведување на обуките во училиштата може да придонесе не само за стекнување и продлабочување на знаења за изведување на поквалитетна настава, туку и за создавање клима за кооперативност во работењето и меѓусебна поддршка кај наставниците. Впрочем, сите ние на работа поминуваме голем дел од денот, делиме исти грижи со колегите и сигурно че ни биде полесно ако ги надминуваме заеднички.
Бидејќи се работи за училиште во кое и пред тоа имало активности за подобрување на квалитетот на наставата, учењето и оценувањето оправдано може да се очекува дека во праксата на оценувањето ќе ги вградат и новостекнатите знаења. Некои од наставниците запишаа: “Ги согледавме предностите на новите приоди се оспособувавме да изработуваме и користиме различни техники за оценување…Сето ова ќе придонесе за користење на повеќе инструменти за оценување и ќе овозможи пообјективно оценување.“ Јас ќе додадам: “И за поквалитетни постигања на учениците“. На крајот на краиштата заради тоа се сите напори на наставниците.
Еве неколку фотографии како доказ.





На сите што слават: Среќни Велигденски празници. Тие што не слават да ги посетат пријателите кои слават за да им честитаат.