вторник, 8 февруари 2011

ШТО Е БИТНО ЗА ДА БИДЕМЕ УСПЕШНИ

Во последно време многу се занимавам со прашањето: Зашто некои училишта и накои наставници се многу поуспешни во примената на квалитетно формативно оценување од други?
Ги анализирам извештаите од посети, евалуации, разговарам со колеги, барам врски...
Имав прилика, а би рекла и среќа, да разговарам и со Ерик Рустен, нашиот шеф од Америка, како што неофицијално си го викаме. Исклучително креативен човек.
Идејата што во последната средба ја дискутиравме некако многу “ми легна“. Според него за за успех е најважно:
Ј - Јасна цел
А - Автономија
С - Стручност

Јасна цел - Се добива како одговор на прашањето: Зошто јас ја работам оваа работа? За луѓе што работат во образованието не е тешко да се има цел. Тоа се учениците, нивниот развој, знаењата што треба да ги стекнат. За некои други професии можеби е потешко да се најде така важна смисла. Не сметам на одговорите: Работам за да преживеам и сл.

Автономија - Се добива како одговор на прашањето: Колкава слобода имам да одлучувам за тоа како треба да ја работам својата работа? Некои наставници мислат дека тие се “газди“ на часовите, дека најдобро знаат што и како треба да работат. Други сметаат дека имаат многу ограничена слобода, дека што и како ќе работат им е премногу диктирано од наставните програми, Бирото, Инспекторатот, Министерството, стручните служби, проектите ... дури и “родителите си земаат право да ни кажуваат како да работиме. Зошто на докторите не им кажуваат како да ги лекуваат?“

Стручност - Се добива како одговор на прашањето: Дали знам да ја работам наставничката работа? Тоа што некој завршил соодветен факултет, не значи дека автоматски станал добар наставник. На прашањето во една меѓународна студија: Дали сте квалификувани за наставничката професија, Македонија е прва по процентот на наставници што одговориле дека се квалификувани, а според постигањата на учениците Македонија беше при дното. Денес сенешто се бара од наставниците: да учат како да применуваат нови методи, како да користат ИКТ, како да оценуваат, решаваат конфликти, работат со деца со специјални потреби ... Не е лесно да си стручен во современи услови.

Е сега: Кај колку луѓе што работат во образованието имаат добро ЈАС, добра комбинација на јасна цел, голема автономија и висока стручност?

6 коментари:

Анонимен рече...

Од сето тоа ЈАС, мислам дека некаде ни се губи А. Од каде и да се свртиш си „сардисан„. Или од педагошката служба која не може да ги прати сите новитети (секоја чест на исклучоците) или од програми кои не нудат секогаш автономија и креативност и ред други работи. Тој што мисли дека е „газда„ на часот, тој треба да си ги побара и Ј и С.Но, верувајте има многу наставници со свое ЈАС

Gorica рече...

Велат: “Не чекај некој да ти ја даде автономијата, таа треба да се освои“.
Тоа е тешко, затоа што со тоа се презема и поголема одговорност, нема повеќе “такви се програмите“, “кој ќе се расправа со стручната служба/директорот кои не се во тек“ и сл. Од друга страна греота е да не ги исористиш сопствените капацитети и капацитетите на учениците.
Сега се потсетив на една анегдота.
Во раните 90-ти години кога малку странци доаѓаа во државава, а и ние малку одевме надвор двајца претставници од една образовна институција од Англија беа во посета на едно училиште. Откога го разгледаа училиштето, при што директорката се жалеше дека кабинетите се слабо опремени (што беше точно) во разговорот некој праша по што најмногу се разликуваат нивните училишта од нашите. На изненадување на сите (очекувавме да кажат дека нивните училишта се многу подобро опремени) еден од странците рече: “По распоредот на клупите, кај нас децата седат во групи и така работат“. Директорката на училиштето рече:“И јас како наставник се обидов да работам во групи, ама чистачките стално ми ги враќаа клупите по старо, не можеле убаво да исчистат“. Коментарот беше: “Нема белки да дозволите чистачките да ви го определуваат начинот на работа“.

Анонимен рече...

Јас мислам дека на одреден дел од наставниците им недостига стручност и желба да го применат новото. Така како што си знаат така си работат.
Не мислам на стручност во смисла на знаењата од нивната област, туку на начинот на работа во образование.
Секојдневно сум во контакт со колеги кои што не се баш сигурни што е тоа формативно оценување.
:(

Анонимен рече...

Кога сме ја одбрале оваа професија ,која е чувствителна секако треба да имаме свое Јас. Ако немаме цел тогаш само би лутале во просторот и времето.Целта е главниот предуслов на успехот.А нашата цел е генегациите кои се доверени на нас да ги насочиме и водиме по правиот пат.
Не се сложувам дека имаме спреги.
Слободата си зависи од самиот нас.Ако
сакаш да ја оствариш својата цел и можеш.Слободата ја имаш во твојата организација начасот,идеја,креативноста, техниките, методите и др.Не треба да го жалиме ни трудот ни времето,ако сакаме успех,кој не е само за нас.
Ако сакаш да работиш никој нема да те кара.
За стручноста никогаш не можеме да речеме дека сме.Со секоја нова генерација и нови предизвици, кои наложуваат потреба од надоградба.
Поучна мисла" Не го праќај детето онаму каде не сте биле Вие"
Pozdrav Nikoletka

марика рече...

Образованието е многу важен елемент на секоја индивидуа, но со новите методи и формативното оценување, дава можност за индивидуален напредок и реализирање во онаа област за која да се сложиме не секој има подеднакви предиспозиции. Треба да се стави акцент на прифаќање на учениците без нагласување на нивните разлики не само по другите основи, туки и споредбите кој што и колку може, напротив да се согледа можноста и да се дава позитивна критика во таа насока, за тоа треба многу љубов кон професијата, така се изградуваат личности со самодоверба и без страв од безперпективност.

roditel рече...

Како тргнала работава во државава, кај нас недостасува Ј, затоа што и во наставничката професија се повеќе се присутни луѓе што работат за да преживеат, а тоа значи да помине часот, да стават каква-таква оценка, да препишат од колега распределение за работа,да земат сини картони и плата, така колку да излегуваат од дома, „да маткаат нешто“...
А штом го нема Ј ос ЈАС, апсурдно е да ги бараме А и С!