четврток, 5 февруари 2009

КАСКАДЕН СИСТЕМ НА ОБУКИ ЗА ОЦЕНУВАЊЕ: ДА ИЛИ НЕ?

Наставничката професија денес е далеку од стереотипот: одржи неколку часа и оди си дома. И наставата не е веќе: на наставникот е добро да им ја испредава лекцијата, а на учениците да научат (или да не научат). Ни учениците не се исти како некогаш: помалку почитуваат авторитети и јасно го покажуваат (на повеќе или помалку прифатлив начин) своето незадоволство. И родителите не велат: “Учителе, ти и Господ, прави како знаеш со него“ (се мисли на детето). Сега од наставникот се очекува да ги научи и “тешките“ деца, оние кои од разни причини имаат проблеми со учењето. Од науките што се занимаваат со образованието постојано доаѓаат нови приоди како наставата и учењето да бидат поефективни. Се воведуваат новини, се реализираат проекти, наставниците постојано мора да одат на обуки.
Се брза со промените и се очекува во релативно кус рок да се воведат во сите училишта. Од друга страна ако промените “се влечкаат“ се добива впечаток дека може и без нив или нема ефекти ако не се фронтални. На пример, училиштата што воведуваат промени во оценувањето, кои покрај другото ќе доведат и до поголема објективност, реагираа дека нивните ученици би биле онеправдани при уписот во средно образование. Сега, кога се донесени стандардите по наставни предмети и критериумите за оценки училиштата бараат обуки за различни методи и инструменти. За обуките да ги опфатат сите училишта за кратко време се преминува на каскаден систем: се обучуваат претставници од училиштата кои ќе држат обуки за своите колеги. Е тука се отвора “Пандорината кутија“: Зошто тој/таа? Тој/таа ли ќе ме учи, вчера дошла (или: нека се спрема за пензија)? и многу слични нешта.
Колку сме спремни да прифатиме дека некој колега во нешто е подобар (или научил нешто) и да прифатиме да учиме од него? При каскадните обуки може би нешто се губи од изворноста, но се добива нешто на прилагоденоста на конкретната ситуација.
За мотивација: фотографии од последните обуки за оценување.




7 коментари:

pedagog рече...

Здраво конечно и од мене,
Конечно бидејќи од почеток ги следам написите и коментарите на овој блог, често ги препрочитувам, може да се рече и учам од нив. Зошто досега не сум коментирала, немало потреба, немање време, волја, нешто друго не знам... Оваа тема ме „погоди“, па еве го моето мислење.
Јас сум Убавка Бутлеска, училишен педагог во ОУ. Бев присутна на последната обука за оценување во Прилеп и со моите колеги сега активно размислуваме што и како да примениме и сработиме по обуката.
Што се однесува до темата каскаден систем на обуки, јас лично бев обучувач во рамките на е-школо на моите колеги. Еве го моето искуство:
- јас лично не сетив дека моите колеги беа во подредена положба, можеби поради тоа што јас веќе неколку години наназад слична „обука“ (без некој тоа да го бара од мене) ја одработував во моето училиште;
- предност претставуваше тоа што по обуката колегите можеа во секое време на работа да се потпрат на мене во врска со користењето на ИКТ во наставата;
- најголема награда за мене како обучувач се 4 - 5 колеги кои според мене се мои „успешни приказни“. Почнаа од нула, а сега не можат денот да си го замислат без компјутер;
- покрај задоволството, постои една понапорна страна од овој вид обука. Обучувачот како да е понатаму постојано задолжен да врши дисеминации и да дава индивидуална помош на колегите. Понекогаш ова е пренапорно, покрај сите други обврски кои ги имате, па мој совет до колегите идни обучубачи е доколку не можете ова да го издржите, не се нафаќајте;
- исто така постојат можности за коментари поради завист (човечка особина), некогаш нема ни да ги дознаете, верувам дека постоеле и за мене, а да не сум ги слушнала. Начинот на кој успевам да се справам со нив е да не мислам дека некој рекол такво нешто, а продолжувам да си ја „бркам“ работата. Би препорачала, бидете „претрупани“ со работа постојано, па нема да мислите на такви работи.
Ќе коментирам уште еден дел од Вашето мислење околу потребата од менување на начинот на кој се работи со учениците, бидејќи токму тоа е мој фах, но овој пат само кратко и нешто оd моето искуство. Мое мислење е дека се додека некој не се доведе во состојба самиот да побара промена поради нешто што навистина не му оди, не се менува. Или доколку не се наметне однадвор.
Само како пример, најсвежо, екстерното оценување. Откако се кажа и излезе правилник за екстерно оценување на учениците и наставниците, помош од мене побараа и наставници кои никогаш немале намера да направат објективен тест на знаење, побараа да им ја објаснам Блумовата таксономија, иако веќе неколку пати на стручни активи се зборувало за тоа, а не се обрнувало внимание.
Но има и нешто позитивно. Со една група наставници веќе активно работиме на анализирање на стандардите за оценување по одделни предмети, а потоа и изработка на тестови на знаење со прашања на нивоа според Блумовата таксономија. Иако сето ова беше поставено на доброволна основа, се повеќе колеги ни се приклучуваат и навистина ми е мило поради тоа. Можеби проектот екстерно оценување нема да опстане, но ќе опстане еден нов начин на соработка кој го воспоставивме поради него.
И доволно засега, оставам простор за други коментари и мислења.
Поздрав!

gorica_ocenuvanje рече...

Здраво Убавка,
Секој коментар на блогов ме радува, затоа што понекогаш си помислувам: “Сама си пишувам, сама си читам“. А сакам блогов да биде форум за размена на мислења.
Вашево искуство со каскадните обуки ме охрабрува. Не е важно кои се причините од кои некој ќе побара или прифати соработка за да го подобри квалитетот на сопствената работа, важно е да има соработка и да работиме се подобро. Не сакам да се служам со фрази од типот: Децата се нашата иднина, наше најголемо богатство и сл. Само знам дека ако не вложиме повеќе работа, не можеме да очекуваме ни подобри резултати. Па нели тоа често им го велиме и на нашите ученици?
Многу успех на сите што сакаат да учат едни од други!

Игор рече...

Почитувана, Г-ѓа Горица примете топли поздрави од Прилеп.
Каскадни обуки ДА, но не на начинот на кој тие изворно се прават. Нека се направи некој модел според кој дирeкторите нема да бидат тие кои ќе ги избираат оние "подобните" за да ја реализираатт десеминацијата или обуката.
Тоа не важи за оној директор кој е вистински менаџер, но за жал во денешно време и покрај сите усилби и толку тешки проекти, курсеви и сертифицирање (потрошени многу пари за истите) нашите директори не научија како треба да изгледа еден вистински директор (директор на кого не му се "вразани рацете" ослободен од секакви притисоци - мислам партиски).
Колегите можеби се доволно добро решение за реализација на каскадата,(самите се занеме најдоби) но нека тоа се направи на база на пријава за некој отворен повик за кој нема да дознае само директорот.
Незадоволни од типот: зошто тој, тој сега само што дојде и тој ли да не обучуава (па ние се си знаеме нема што тој да ми кажува) и ред други изговори се во нашиот духот, нашто на што треба да поработиме).
Јас лично имам работено во многу училишта во мојот град, и многу пати досега сум учествувал (во двојна улога, како обучувач и како обучуван) во најразлични каскадни трансфери на знаење и скоро секогаш (во 90% од случатие) тие биле задоволителни (не велам успешни) затоа што таквите обуки во најголем број од случаите како да застрануваат од почетната интенција (се прилагодуваат на моменталната ситуација) што до некаде е добро (за тоа служи и каскадата) но има некои делови за кои тоа не можи и несме да биде така.
Сакам да напоменам дека каскадата не би смеело да заврши со нејзиниот официјален дел, она што следува по обуката е најважно: дали со каскадата сме ги потикнале луѓето да го променат појдовното мислење за предметот или темата што била на расправа, (пример ИКТ во наставата - колку и да се држат обуки на таа тематика никогаш неможе се да се каже или да се заврши но како се наметуваат потребите од секојдневната работа и тие нови проблеми почнат да се решаваат тогаш каскадата ке биде успешна.

Анонимен рече...

Здраво почитувана г-ѓа Горица, почитувани колеги,
моето стравување не се состои во тооа кој ќе ја води обуката - туку зошто сеуште нема никаква обука за оценување (или некој друг сегмент од проектот) во нашето училиште.
Работам во основното училиште Наум Охридски,с. Булачани, Скопје и колку што видов нашето училиште го нема на листата од 143-те нововклучени во обуката за оценување. Верувајте апсолутно не е важно кој ке ве обучува се додека тој си ја врши работата како што треба. Страшно е, барем за мене, ако некоја обука ве прескочи (како што стравувам јас дека може да ни се случи нам) па го изгубите и чекорот со времето како дополнително отежнување на фактот дека работите во рурална средина каде што и онака било каков развој се одвива отежнато.
Сум била и во улога на обучувач и во улога на обукант. Ако сериозно си ја сфатиме работата тогаш и во едниот и во другиот случај одговорноста е подеднакво голема. Ако пак сакаме да најдеме грешки во нечиј избор или нечија работа и тоа може да го направиме исто како што други ќе ги најдат грешките во нашата работа и пристрасностите при нашиот избор.
Искрено, сакам еднаш засекогаш да ги надминеме овие работи и конечно да се посветиме на тоа да заживеат овие проекти. Затоа ке кажам едно големо ДА за напредување, за следење на светските позитивни трендови, па и за каскадниот систем на обуки за кој (од мое лично искуство) сметам дека дава солидни резултати.
Инаку, јас сум наст. по математика,бев обучувач за иновативна примена на ИКТ во наставата и се уште за моите колеги сум тоа секогаш кога ке им притреба мојата помош.
Поздрав!

Анонимен рече...

Почитувана колешке,
Многу ми е драго кога ќе сретнам коментар како Вашиот. Ентузиујастите и тие што сакаат постојано да учат го одржуваат квалитетот на нашето образование.
Ниту едно училиште во Македонија нема да остане без обуки за оценување што ги спроведува нашиот проект. Не можевме сите да ги вклучиме едновремено, па прво ги вклучивме тие што ни се пријавија на конкурсот што го имавме минатата година. Вашето училиште ќе го вклучиме следната учебна година.
Дотогаш, на web страната на проектот http://www.pep.org.mk/ Ви се достапни повеќето материјали што се изготвени во рамките на проектот. И уште една добра вест за Вас бидејќи сте наставник по математика: обуките за унапредување на наставата по математика за училиштата кои уште не се опфатени ќе почнат оваа пролет.
Ви посакувам успех во работата.
Горица

Анонимен рече...

Здраво на сите, посебно на Вас г-га Горица. Драго ми е што стапив во контакт со Вас и уште повеке што што најдовте време да ми одговорите на моите прашања. Најголемата грешка што ја направи нашето училиште е таа што не се пријавивме за учество во овој проект, но понекогаш одлуките ги донесува некој друг. Но сепак јас не се откажувам, преку ваши обучувачи дури и ископирав печатени материјали од оваа обука и се обидувам да ја доловам суштината на сето тоа. Ќе си дадам за право ако за нешто сум во недоумница да се обратам до Вас, се надевам нема да ви пречи. Новиот начин на тематско-процесно планирање во 6-то одд. бара стриктно посочување на начинот на оценување на поедини часови, па затоа и се обидувам да ја совладам оваа проблематика што подобро.
Срдечни поздрави и се надевам наскоро ќе се видиме на некоја обука.
Д.Димишковска, наст. по математика

Danica Aleksieska рече...

Go poddrzuvam kaskadniot sistem na obuki, bidejki toa go motivira ucilisniot tim na pogolema posvetenost vo rabotata. Idejata za vodenje na obukite vo ucilistata od strana na nastavnicite so poddrska na obucuvacite od komponentata ke ima 2 glavni pridobivki:
Prvo, promocija i pocituvanje trudot na nastavnicite/kolegite koi gi primenuvale tehnikite i vtoro poddrskata od obucuvacite na komponentata ke pomaga da se odrzi profesionalniot pristap koj go promovira PEP proektot preku obukite ,,Standardi na obucuvaci,,
Pozdrav Danica Aleksieska