петок, 13 август 2010

ЈОВО НА НОВО ИЛИ СО ЗАДОВОЛСТВО ПО НОВО

Како што пишував минатиот пат за крајот на годината, сега е време за почетокот на новата година (нели таа нас ни почнува во септември, но со децата, а со колегите веќе на 16-ти август). Како се чувствувате кога размислувате за новата учебна година?
Има наставници што се чувствуваат како децата од одделенска настава: мислат да си облечат нешто ново што си го купиле летово, ги листаат учебниците за оваа година (ако се нови) или се потсетуваат што можат убаво да направат оваа година, а не им успеало лани, се радуваат што ќе се сретнат со колегите и колешките.
Има други наставници што си мислат: Леле пак ли истите нервози со ученици што не учат, со родители што бараат оценки, со директорот на кого за ништо не му е гајле, па уште и инспекторатот “измислува“ некакви си оценувања на наставниците.
Работите може да изгледаат и вакви и онакви, како чашата со вода: полупразна или полуполна.
Оние од првата група сите ги сакаат повеќе (затоа што се подотерани, насмеани, подготвени за убав разговор), а и тие самите си се чувствуваат полни со енергија. А зошто секој од нас на почетокот на новата година не тргне на работа со добра воља да соработува со колегите и да ја иницира таа соработка, да внесе новини во наставата (па нели сите бевме на куп семинари?) за нам, а не само на учениците да ни биде поинтересно. Ако нештата ни се интересни, помотивирано сме да ги работиме и така имаме и подобри резултати. тогаш ќе имаме и помалку ученици што не учат и со родителите полесно ќе излеземе на крај (може и нив да ги вклучиме во некои активности) и директорот и инспекторите ништо не ни можат ако си ја работиме добро работата. Можат на пример да не пофалат.
Јас одвај го чекам почетокот на наставната година повторно заедно да работиме.
Успешен почеток.
Горица

П.С.
Бев разочарана што на минатиот текст за објективноста на оценувањето немаше коментари. Дали молчењето значи согласување?

3 коментари:

GE-VI рече...

Прво би сакал да го поздравам твоето настојување да ги насочуваш мислите на наставниците кон подобрување на квалитетот на наставата, пред се на оценувањето. Но, како што може да се забележи, ние сме си ,,сеирџиска,, нација. Верувам дека многу наставници ги читаат твоите постови, но некако ретко се решаваат да оставаат коментари иако на тој начин можат директно да влијаат за подобрување на некои состојби во наставата. Впрочем, затоа е и отворен овој блог, да размениме искуства и идеи, помагајќи си така едни на други со што ја јакнеме и самодовербата.
Во однос на твоите прашања мислам дека секој од нас треба да ги практикува искуствата од минатите години додавајќи разумна доза на новитети. Тоа ни го наметнува денешнината и доаѓањето на генерации со посовремени погледи кон просторот и времето. Во тој правец се проектирани сите семинари и обуки под водство на ПЕП, како би можела настават да се одвива по мерка на децата бидејќи ОНИЕ ШТО САКААТ ДА УЧАТ, ЗНААТ ПОВЕЌЕ ОД ОНИЕ ШТО МОРААТ ДА УЧАТ!
Јас искрено се надевам дека конечно барем една година ќе биде подобра од претходната.
Поздрав и многу успех во новата учебна година.
Сашко Стефановски

Анонимен рече...

Поздрав на тимот на ПЕП
Доста помогнавте со обуките,но наше е тоа и да го применуваме и во праксата и прирачниците секогаш да ни се на дофат, а не заборавени во некоја фиока.
Едвам чекам да започне новата учебна година и секако со задоволство по ново бидејки монотоноста е досадна.Новините се доста интересни за учениците и со задоволство ги прифаѓаат и работат.
А секако се чува и нешто ново за да се дотераме- ние со поголеми деца поретко доаѓаме на ред за нешто ново.
Со нови сили за нови знаења и подобри постигања е нашата цел.
ПОздрав Николетка

Горица рече...

Добар почеток. Бројот на посети на блогов деновиве е зголемен и што е најважно не се тоа само сеирџии, што би рекол Сашко, туку наставници со позитивна волја за промена (видете ги резултатите од гласањето).
Споделете ги своите идеи со колегите на блогов или испратете ми ги електронска пошта, па да смислиме начин како да ги подджиме, промовираме, прошириме. Што се вели: “Повеќе глави подобро мислат“.