вторник, 23 декември 2008

Можат ли обуките за формативно оценување да ја зголемат објективноста на оценувањето

(Не)објективноста на оценувањето е, ќе се согласат сите, еден од проблемите на нашето образование. Да оставиме на страна дека имаме исто толку значајни, ако не и позначајни проблеми како што е на пример нискиот квалитет на образованието.
Да се вратиме на објективноста. Во законите за основно и за средно образование силна нагласка е ставена на објективноста на оценувањето затоа што таа е критериум за наградување (казнување) на наставниците. За наставниците да оценуваат пообјективно треба да се знаат причините зошто оценувањето не е доволно објективно и да се изнајдат начини како тие причини да се надминат.
Можни причини за недоволна објективност на оценките:
1. Непостоење на официјални и заеднички прифатени стандарди за постигања и критериуми за оценки;
2. Недоволна оспособеност на наставниците за оценување, па и за објективно оценување;
3. Притисоци врз наставниците од разни субјекти во и надвор од училиштето неоправдано да даваат повисоки оценки;
4. Непочитување на етичките норми од страна на наставниците и тие од лични причини ги зголемуваат (намалуваат) оценките.
Можни се веројатно и други причини, но овие се најверојатни. Навистина не знам која е најчеста. Може би вашите одговори на анкетата ке дадат поточна слика.



Што се прави на овој план?
За надминување на состојбите со недоволната објективност на оценувањето Министерството за образование презема активности што произлегуваат од законската регулатива. Не знам на каква анализа на причините се тие засновани, имам впечаток дека тие се насочени кон надминување на причините кои припаѓаат на немање стандарди и критериуми и непрофесионално однесување на наставниците.
Компонентата: Унапредување на оценувањето на УСАИД Проектот за основно образование во период од 5 години ќе работи на подигање на квалитетот на образованието, а еден аспект на квалитетното оценување е и објективноста.
Што се прави?

1. Воспоставување на стандарди и критериуми
Бирото за развој на образованието неодамна изготви Стандарди за оценување на постигањата на учениците за сите предмети и за сите степени на образованието. Може да ги најдете на web страната на Бирото
http://www.bro.gov.mk/podracje/standardi.html. Претпоставувам дека ќе следат обуки за нивно заедничко разбирање. Тие помагаат донекаде, но за усогласено оценување се потребни и критериуми за оценки или описи на нивоата на постигања или како во странската литература се сретнуваат benckmarks. Нормален следен чекор би бил врз основа на мерења на тековните постигања и посакуваните постигања да се утврдат критериумите за оценки и тие да им бидат познати на сите наставници. Значи претстои уште доста работа на тоа поле.

2. Оспособување на наставниците за оценување
Во рамките на УСАИД Проектот за основно образование изготвени се Стандарди за оценување во училиштата што во февруари 2008 година, на предлог на Бирото за развој на образованието, Министерот ги донесе како Упатство за оценување во основните училишта. Тоа се всушност стандарди за добра пракса на оценување. Стандардите се доставени до сите училишта, но за жал ги нема на web страната ни на Бирото, ни на Министерството. Или јас не ги најдов. Може да ги најдете во прилог на прирачникот: Примена на стандардите за оценување (линкот го имате во делот ресурси на овој блог). Кога тие би се постигнале би немале проблем ни со оценувањето, ни со оценките. Но лесно е да се напише како треба, а тешко е да се направи.
Затоа Проектот од 2008 до 2011 година ќе спроведува различни обуки за оспособување на наставниците да ги достигнат стандардите. Ние веруваме дека оценувањето ќе биде поквалитетно, што покрај другото заначи и објективно, ако наставниците знаат како да оценуваат. Впрочем сите сознанија кажуваат дека наставниците во областа на оценувањето се самоуки (учеле малку или воопшто не учеле како да оценуваат во текот на студиите). Дали сите навистина имале добри примери од кои можеле да научат како да оценуваат. Повеќето наставници се согласуваат дека оценувањето им е најтешкиот дел од наставната работа.
На наставниците им недостасуваат приоди и инструменти што ќе ги користат во оценувањето (примери задачи, бодовни листи, оценети ученички трудови, тестови и сл.). Нивно изготвување и соодветна примена во секојдневното формативно оценување се доминантен дел од обуките во Компонентата за унапредување.
Искуствата од примената на стекнатите знаења укажуваат дека користење на инструменти во кои јасно се дефинирани нивоата на очекуваниот квалитет на постигања им помага на наставниците да се ослободат од дел од притисоците на родителите и на учениците за повисоки оценки.

3. Подигање на етичноста во оценувањето
Се чини дека етичките вредности не се на цена во транзициските времиња. Затоа многумина сметаат дека нема ништо лошо ако од некого барате некоја „услуга“ која се коси со неговите етички принципи. Но кога во училиштето сите ќе прифатат дека ќе се придржуваат до определени етички принципи во оценувањето и ако и претставниците на државните и локалните образовни власти прифатат дека и тие етички ќе се однесуваат, тогаш сме на добар пат, на демикратски начин да дојдеме до пообјективно оценување. Во рамките на Проектот е изготвен Етичките кодекси за оценување (може да го симнете од:
http://www.pep.org.mk/mk/resursi/materijali/ocenuvanje/Eticki%20Kodeks%20-%20makedonski.pdf ), а многу од проектните училишта изготвија свои кодекси или се договараа како да се справуваат со притисоци и неетичко однесување во оценувањето.
Може би изгледа наивно, но јас верувам дека со казни не се спречува неетичкото однесување, туку со долготрајно негување на етичноста. Никогаш не ќе обезбедите толку инспектори колку што може да имате прекршители. За прашањето на етичноста веќе пишував на овој блог.

Ако треба јас да одговорам на поставеното прашање, јас длабоко верувам дека патот до објективно сумативно оценување води преку квалитетно формативно оценување. А вие што мислите?
Се надевам дека за празнициве и за време на зимскиот распуст ќе имате време и ќе ви работи интернетот па ќе се вклучите во дискусијата по ова прашање.
Ви посакувам среќни празници и успешна година.

4 коментари:

Анонимен рече...

Најдобриот начин учениците да бидат објективно оценети секао е континуирано следење на она што тие постигнуваат во текот на еден подолг период. Но се чини дека наставниците робуваат на старите навики неизбежните ,, тестови,, спопред кои сметаат дека најобјективно ќе ги оценат учениците. На крајот од полугодието како да се бара час или ден повеќе. Учениците за една недела како да треба да покажат се што знаат од 15 предмети. Како да се во паника и децата и родителите. Не верувам дека во училиштата ќе бидат задоволни сете заинтересирани од постигањата на учениците. Многу е помал бројот на ученици кои се со одличен успех. Став или нашите ученици неможат да покажат резултати кои сега се должат на некои други критериуми.
Има ли етика во училиштата? Има многу повеќе кај децата отколку кај возрасните. Децата ги слушаат советите од наставниците, но го прават ли тоа и наставниците кога се во прашање нивните деца и родителите кои за едиствена своја одговорност и внимание кон децата ја сметаат ургенцијата. Добро е што такви ,,возрасни,, нема многу и има надеж дека оценувањето ќе биде правично барем во 60%.
Затоа честитки до учениците, кои си го заслужија својот распуст, возрасните за време на празниците нека поразмислат за своите постапки. Впрочем имаат и добри учители околу себе - децата.
СРЕЌНИ ПРАЗНИЦИ

Анонимен рече...

Konecno pocna nesto da se napravi vo vrska so objektivnoto ocenuvanje na ucenicite.Kako nastavnik ubeden sum deka pristapot kon resavanje na ovoj problem e delimicno dobar. Doneseniot zakon vo golema merka ke pridonese nastavnicite da pocnat da pocituvaat kriteriumi za ocenuvanje. Obukite za ocenuvanje ke pridonesat nastavnicite da se zapoznavaat so standardite i kriteriumite na ocenuvanjeto, sto mislam deka nastavnicite ne se krivi sto dosega nemale moznost po detalno da gi razgledaat.Iako kriteriumite za ocenuvanje vo sekoj predmet odamna se vo portalot na BRO, sepak retko nekoj nastavnik gi ima tie kriteriumi, poradi razni pricini.Jas licno gi analiziram tie kriteriumi i mislam deka mnogu ke mi pomognat vo porealnoto ocenuvanje na ucenicite, no sepak mislam ke treba poveke vreme da se navikneme na upotreba na standardi i kriteriumi sto sme gi upotrebile vo pomala mera kako nastavnici.Mozebi nekoj nema da se soglasi, megjutoa moze da dava komentar nekoj nastavnik samo posle pominata obuka za ocenuvanjeto duri togas na mnogumina nie jasno do koj stepen se nasite znaenja za kriteriumite i standardite za ocenuvanje.
Po moe mislenje, ke ima i negativni posledici poradi brzinata na promenite, na primer gubenje na kreativnosta vo tekot na nastavata bidejki mnogu nastavnici ne mislat mnogu za koristenje na kriteriumite i standardite na ocenuvanje tuku na podgotovka na ucenicite za eksternoto ocenuvanje.Mislam deka site ovie promeni ne treba da bidat za tolku kratko vreme edna ili dve godini. Za vakvi krupni promeni treba da se raboti na podolg period.Primer, edna do dve godini obuka za site nastavnici vo Makedonija. Posle analiza na postignatite promeni bez pritisoci na kaznuvanja, bidejki togas nastavata ke se nasoci samo na eksternoto testiranje.Svesni sme site nie deka ovie posledici ni se sobrani vo podolg period.Pravime analizi na ocenuvanjeto za podolg period i go sporeduvame procesot na ocenuvanje.Zatoa mislam deka ovoj proces treba da se odviva ne vo tolku brza postapka bidejki mislam deka pogolemi gubitnici ke bidat ucenicite koi duri od sega se vo sok poradi niskite ocenki sto gi stavame po (ne)realni, plasejki se da ne bideme kazneti.
Sepak vremeto ke pokaze dali se dvizime vo dobra nasoka.Zasega site pokazateli se deka begame od slepata ulica vo koja se najde obrazovanieto kaj nas.
(Se izvinuvam za moznite jazicni greski, bidejki albanskiot mie majcin jazik)

Веселинка рече...

Доколку зборувам во свое име можам да кажам дека вашите обуки ме променија како наставник највеќе во делот на формативното оценување. Го предавам предметот музичко образование и имав потешкотии кога требаше да се оцени ученикот на одредени наставни теми како пеење, свирење на детски инструменти и слушање на музика. После обуката за формативно оценување и делот со изведбени активности ми помогна да најдам модус постигањата на учениците полесно да ги оценувам и формативно да им давам забелешки на учениците за тие да ги подобрат своите резултати а во исто време преку наставни ливчиња и родителите да бидат запознаени за активноста што ја имало нивното дете на самиот час. Сега работам да ги поврзам знаењата стекнати од вашите обуки со стандардите за оценување што ни се дадени од бирото за развој и по секоја наставна тема да се внесат во секое ученичко досие постигнатите резултати на учениците се со цел да се добие една објективна оцена за постигањата на учениците. Во моето училиште минатат година држев нагледен час за користиње на ИКТ во наставата и имам доста такви часови одржано и на учениците посебно им се допагаат тие часови. Јас учествував и на конкурсот за примери на формативното оценување и нормално очекуваме резултати.
Продолжете како и досега навистина вашите обуки се сегогаш добро организирани и со добри примери кој ако наставникот се обиде да проба да ги реализира ќе има резултати.
Поздрав
Веселинка

Анонимен рече...

Самата обука, може да влијае (де) мотивирачки на наставникот зависно од начинот како ја восприема. Доколку на истата гледа како на форма која само треба да се спроведе, веројатно нити ќе допринесе за негово мотивирање , нити ќе ги даде саканите ефекти. И обратно доколку правилно се сфати концептот на оценувањето и доследно се применува во сите училишта и од сите наставници, секако дека ке имаме поквалитетно образование.. Во средните училишта, општ впечаток е дека професорите не се придржуваат многу кон критериумите за оценување. Кај нив има поголема автономија иако и средното образование, денес е задолжително.Зборувам генерално, а посебно, би сакала да нагласам дека гимназиите не се она што некогаш беа (барем по квалитетот на процесот , а и по резултатите од учениците) што јасно се гледа од екстерното оценување и полагањето државна матура. Се прашувам дали тоа би било така кога компетентните органи почесто би ги проверувале и објективно би им ги кажувале недостатоците во нивното работење, се разбира со предлог мерки за нивно подобрување и кога етосот би бил однапред вграден во кодексот на оценување (и овде би нагласила, со награди или казни според залагањата и заслугите). Зошто професорите од средните смеат да отстапуваат од правилата на етичкиот кодекс, а оние во основните -наставниците (иако со завршен факултет) не смеат? Така на пр. во „Примена на стандардите за оценување“ во делот Насоки, III.5 децидно е кажано дека наставникот треба праведно да се однесува кон сите ученици и да применува исти критериуми за оценување на исти постигања. Исто така и дека не треба да казнува со оценка за недисциплина, дури и од најбанален вид. Сепак и покрај тие правила, професорите од средните училишта сами, индивидуално си носат и спроведуваат свои правила. Дури и не им ни важно дали чекорите што ги преземаат по тие нови правила вродуваат плод и дали нешто менуваат кон подобро. Веројатно повеќе размислуваат како да ја задржат сликата за себе како строг професор кој наводно бара учење (се разбира и ова правило важи за сите освен за учениците на кои тој самиот/таа им е класен раководител) отколку со ефикасни методи да го мотивира ученикот да работи повеќе или она што се бара и очекува од него. Не би сакала да наведувам примери на флагрантно кршење на етиката од страна на некои професори кои доколку не успеале да ги наговорат учениците да одат на некаква си божем корисна екскурзија за која се потребни минимум 50 евра за 2 дена ( и така да утврдат кои би биле потенцијалните „кандидати“ кои во даден момент токму кај нив ќе „вежбаат „ за испит од државна матура, применуваат ригидни методи и на однесување и на оценување на „јогунастите“ ученици со цел да ги обесхрабрат и убедат дека не „научиле“ доволно без да ги насочат и посоветуваат како тоа да го направат. Очигледно овој стил на подучување им е полесен и подобро се снаоѓаат со истиот отколку со примена на стандардите, зошто ова второво бара посериозен пристап и работа. А зошто таквите би работеле кога си имаат автономија, исто како и универзитетите? Но ајде да видиме до кога среќните добитници на привилегираните работни места ќе тераат по свое и сами ќе ги спроведуваат сопствените закони.За крај, би ве замолила прецизно да ми одговорите на едно прашање: Какви мерки според овие стандарди за оценување (не е конкретно напишано во прирачникот) треба да се преземат од страна на наставникот/професорот доколку истиот „фати“ ученик како се служи со недозволени средства за време писмената работа или тест и дали има значење моментот (фазата на часот) во која е затекнат ученикот?