вторник, 20 октомври 2009

ВО КОЈА НАСОКА СЕ ДВИЖАТ ПОСТИГАЊАТА НА НАШИТЕ УЧЕНИЦИ?

Ако се гледа времето изминато од последното мое писание може да се заклучи дека не сум имала инспирација. Впрочем блогот треба да биде повеќенасочна комуникација, а јас на моите размислувања добивам малку реакции.

Повод за сегашново пишување е текстот во “Edukation week”, (весник за образование од САД) од 14-ти октомври во кој со загриженост се коментира извештајот од последното Национално оценување на напредокот во образованието (NAEP) , според кој за прв пат од кога се спроведува ова мерење, а се спроведува од 1990 година, постигањата на учениците по математика во 4-то одделение, не се подобриле. (Инаку, за помалку информираните, ова мерење на постигањата по англиски јазик и по математика се изведува на примерок на ученици од 4-то и 8-мо одделение, на секои две години. Методологијата овозможува споредување на резултатите од мерењата во различни години).

Многу земји ја градат својата образовна политика врз основа и на сознанијата од вакви мерења на постигањата. Тие им овозможуваат да следат дали промените што ги прават резултираат со подобрување на постигањата.

Што правиме ние? Што се случува со постигањата на нашите ученици? Дали тие се подобруваат или опаѓаат? Дали мерките што се преземаат за подобрување на образованието навистина придонесуваат за повисоки постигања на учениците? Знам многумина што мислат дека ги знаат одговорите на овие прашања, но исто така знам дека никој од нив нема докази. Едноставно (нели?) во Македонија не се прават екстерни мерења на постигањата на учениците, што ќе бидат така методолошки засновани да можат да дадат релевантен одговор за трендот во постигањата на учениците. Туку што почнаа (во 2001 година) националните оценувања на постигањата на учениците престанаа после првите мерења, а повеќе не учествуваме ни во меѓународни мерења. Од последните на кои учествуваме знаеме дека од 1999 до 2003 година постигањата по математика и по природни науки на крајот на 8-мо одделение се намалени (TIMSS– 2003) и дека постигањата во читање со разбирање на крајот на 4-то одделение во 2005 година биле исти како во 2001-ва година (PIRLS – 2005). А претпоставувам дека сите знаат дека постигањата на нашите ученици се под меѓународниот просек (на земјите што учествувале во мерењата).

Вчера министерот за образование го образлагаше предлогот за промени во Законот за основно образование, а дел од нив се однесуваа на користење на податоците од екстерно оценување за унапредување на наставниците. Не слушнав дека се планираат екстерни оценувања со цел да се следи напредокот на постигањата во целиот образовен систем. (Тие што се разбираат во мерења од овој тип знаат дека ист вид мерења не можат да се користат и за наградување/казнување на наставниците и за следење на напредокот на системот во целина). Дали тоа значи дека државата не ја интересира што се случува со постигањата на нашите ученици? Врз основа на што ќе ја проценува ефикасноста на чекорите за унапредување на образоването што ги презема?

Ако веќе немаме мерења ајде да си направиме анкета? Одете на почеток и одговорете на прашањето.

3 коментари:

Убавка Бутлеска рече...

јас гласав дека постигањата на наштите ученици се намалуваат. Точно е дека е ова само мое мислење, немем докази за ова. Но, доколку како доказ може да се земе моето нередовно следење на постигањата на учениците во читање (изразно и со разбирање) во одделенска настава може со сигурност да кажам дека опаѓаат, барем во училиштата каде работам. Не верувам дека ситуацијата е подобра во другите училишта. Неколкупати започнав со самостојно конструирање на инструменти кои се обидов и делумно да ги стандардизирам со годините, но веројатно недоследноста е и моја лична маана. Единствено доследно ги следам предчитачките способности и за тоа имам и инструмент со кој можам да ги согледам добро истите. Но кога не е сето тоа на ниво на држава, па да можеме да правиме генерална споредба, а не само меѓугенерациска и интерна, нема да има некој поширок ефект.
Но и оваа интерна споредба, не носи ништо. Јас го согледувам проблемот со опаѓањето на постигањата на учениците во читање со разбирање, констатирам слаби страни, ги изложувам на стручен актив и толку... Останува на добрата волја (читај способност) на секој од наставниците индивидуално дали ќе преземе нешто околу тоа, а можеби и не е само до нив, да не грешам душа.
Мое мислење е дека не е потребно многу средства и сили да се спроведат вакви екстерни оценувања, можеби само поставеноста е погрешна, а резултатите ни се потребни на сите. Можеби шпеклирам, но сепак мислам дека не сум далеку од вистината кога велам дека стануваме се понеписмена нација. Еве само еден банален пример. Генерацијата која ја испитував во читање со разбирање пред 7 години има просечно повисоки постигања од генерацијата која ја испитував минатата учебна година на иста возраст. Не е сосема валидно знам, но кај мене го вклучува алармот дека нешто не е во ред со постигањата во читање со разбирање.
Што се однесува до последниот коментар, немам што повеќе да додадам од Вашиот. Истите зборови ги користам и јас кога се дискутира на оваа тема:
Прво, поважни се да се знаат постигањата од учениците, па врз основа на нив да се преземаат соодветни мерки, промени, реформи;
Второ, унапредувањето или казнувањето на наставниците не би требало да се заснива само врз еден аспект или подобро речено делче од тој аспект од работата на наставниците, бидејќи знаеме дека оценувањето е процес а не само ставање оценка. Каде е тука да се процени нивниот однос кон учениците, наставните содржини, начинот на кој планираат, начинот на кој реализираат, соработката со родителите, колегите, сопственото усовршување и многу друго.

Со почит,
Убавка Бутлеска
училишен педагог

Игор рече...

Во делот кој го цитаравте за истражувањеата на 4то и 8мо оделенците во САД треба да се напомене дека ако се прочита во целост ќе се забележи дека има држави кои напреднале но бидејќи се работи за статистички податок се земаат заедничките средни вредности, а за осмо оделенците имааат значителен напредок, но тоа се Соединетите Американски Држави во кои ваквите мерење за корекција се прават веќе неколку децении а кај нас прво се почнува по обратна насока по казнените одредби а потоа како да се поправат постигнувањата според собраните резултати, ова би требало да значи нешто ????
Но секогаш велам да се сконцентрираме на она врз што можеме да се влијаеме затоа што за другото што ќе биде како што некој друг ќе одлучи залудно ќе трошиме зборови но ио време.
Резултатите од акнетата на почетокот (барем пред да го напишам овој пост) јасно покажува како мислиме - постигнувањата се намалуваат и тоа се повеќе и повеќе и тоа многу подрастично во последните години.
За тоа можеби и ние наставниците сме малку виновни, затоа што прво од нас треба да си почнеме (ќе наведам еден пример дека според моите сознанија многу е мал бројот на наставниците кои ги планираат часовите кои ги реализираат - дневно), многу малку или воопшто не е присутна колегијалноста (меѓусебна посете на часови, размена на искуства, мислење, активите скоро и да не постојат) со чесни исклучоци.
На мојата веб страна http://matematika.edumoot.com сите заинтересирани наставници кои сакаат да разменуваме материјали и да разговараме на одредени теми и задачи се добредојдени, со цел да го промениме она што го спомнав на почетокот, таков обид имаме и се поажа како успешно.
Според мене проверки треба да има, затоа што ако не се почне нема да знаеме каков ефект тоа ќе има, мислам дека спорно е тоа што тоа ќе има казнени елемети за наставниците.
Време е да се реагираа затоа што зарем ќе дозовлиме цела генерација да помине во експеримент (нови програми секоја година, што повелкува нови стандарди и мерни инструменти секоја година)

Gorica рече...

Ме загрижуваат првите резултати од гласањето, но коментарите се охрабрувачки. Има луѓе што работат и сакаат да се смени состојбата. Игор, малку ѕирнав на твојата web страница. Се надевам дека ќе ја збогатуваш и после со нас ќе ги поделиш искуствата. Одвај чекам да се создаде заедница на наставници што електронски комуницираат.