недела, 8 ноември 2009

140 НАСТАВНИЦИ ДОБИЈА СЕРТИФИКАТИ

На почетокот на октомври првите 140 наставници добија сертификати за завршена обука и оспособеност за примена на нови приоди во оценувањето. Со оглед на тоа што обуките до јануари оваа година ги завршија околу 1600 наставници од 60 училишта, тоа и не е баш голем процент.
По завршувањето на четвородневните работилници за примена на стандардите за оценување се очекува наставниците да се обидат да применат некои од новите приоди во оценувањето и во наставничкото портфолио да ги собираат планирањата, инструментите што ги користеле, оценетите трудови. Од поамбициозните наставници се очекува да испланираат мало акциско истражување и да изготват студија на случај. И кога тоа ќе го документираат пред тимот во училиштето може да добијат цертификат за завршена обука и оспособеност за примена на нови приоди во оценувањето. Знаејќи дека речиси сите наставници по обуките примениле некои од приодите што беа дел од обуките очекувавме поголем број наставници да бидат заинтересирани за добивање сертификати.
Навистина, сеуште не се знае дали и колку тие ќе бидат земани при напредувањето на наставниците, но зошто да ги немате ако веќе ги применувате новите приоди? Може би во некои училишта нема иницијатива на ниво училиште да се спроведе процесот на цертификација, но во тој случај зошто заинтересираните наставници да не преземат иницијатива?

6 коментари:

Игор рече...

Секогаш мислам дека треба прво да си тргнеме од себе, односно да бидеме самокритични. Констатацијата Ви е сосема на место, бројот е многу мал, не е ни 10% од вкупниот број на обучени наставници. Добро би било да ја имаме и старосната структира на наставниците кои се сертифицирани, затоа што според мене сеуште важи онаа девиза која ја користат повоздрасните колеги: "Светот на младите останува" или "што ќе ми е сега ова мене уште млаку ќе си одам во пензија" а тоа малку се 10 години. (Секоја чес на исклучоците). Па се прашувам до кога треба нашите деца да препишуваат од табла и да им се дикрита по цели часови и да се работи со методи од пред 30 години (а сите ние кажуваме дека денешните деца не се истите) ако тоа е точно па тогаш и ние ќе треба неминовно да се менуваме затоа што знаењето не е еднаш и засекогаш добиено туку тоа треба постојано да се надоградува, ако сакаме да останеме во текот со времето затоа што во спротивно тоа ќе не прегази.
Со тоа дојдовме до еден многу битен дел кој кај нас сеуште не е заживеан и покрај тоа што е озаконет со одредени законски одредби - се работи за професионалниот развој на наставниците.
Односно ја наметнува прашањето: Колку наставниците вложуваат во сопствениот професионален развој?
До кога оние наставници кои работат и оние кои не ни одат на часови (а такви мораме да признаеме ги има) се изедначени?
Во новиот закон за основно образование убаво пишува дека ќе се предвидува напредување на наставниците во звањата (предвидени се три нивоа) но сеуше мислам дека тоа кај нас нема да заживее уште долго време.
Одговороте на едно од прашањата на Горица е токму во непостоењето на механизам на напредување на наставниците, ако такво нешто би имало мислам дека тогаш овој процент би бил итекако поголем.
Фактот дека не е проблемот до службата (административната страна) ќе го илустрирам со бројките од моето училиште каде работам во кое моите колеги изработија два студии на случаи, 13 наставници од одделенска настава се здобија со сертификат за оценување, 7 наставници од предметна настава се здобија со серификат за оценување а 1 наставник се здоби со два сертификати еден за оценување и еден за унапредување на наставата по математика и природните науки. тоа се вкупно 21 сертифициран наставник што претставува завиден број од 30% од вкупниот бој на наставници во нашето училиште.

Анонимен рече...

Целосно се согласувам со Вас дека да бидеме самокритични,ако не се осврнеме на секој наставен час,ден учебна година и генерација не очекувај некое подобрување.Јасно дека светот е на младите, но ако работната навика не се стекне уште од младите години тешко е да Ве промени во поодминатите години. Во нашата професија нема млад стар туку се дечињата кои можеби сега не, но некогаш ќе ја осудуваат нашата работа како виновници за нивната неуспешност. Затоа секој наставник знае дека учењето е доживотно без разлика дали е повозрасен или млад и успехот нема да изостане.
Николетка

Анонимен рече...

Nie imame po moderni ucenici od nastavnicite,toa e ocigledno,zatoa bi trebalo nastavnicite da go fatat ritamot na vremeto vo koe ziveat mladite.Ako ne mozete ili ne sakate,togas bi trebalo da razmislite za promena na profesiata.Mladite se idninata,ako dopustime da nekoj nastavnik 30 godini da ne se smeni togas sme unistile desetici generacii poradi eden covek.

Горица рече...

Со ова: стар - млад, (по години или по дух) навистина ме погодивте. Не е лесно да се држи чекор со младите. Често на семинарите ја правам следнава метафора: Младите за многу современи работи се во возот што јури, а повозрасните мора да ускочат барем во последниот вагон. А кој сака да не го фати возот?
А и оние што сега се млади после некое време ќе се најдат во иста ситуација, да фаќаат некои други иновациски возови.
Не можам да замислам работа во која ништо не се менува, не се истражува, не се бараат подобри и поефективни решенија.
И кога сме веќе тука многу сум среќна што многу наставници работејќи студии на случај за да се стекнат со сертификати покажаа дека умеат да ја истражуваат и подобруваат својата пракса на оценување и многу често на задоволство на учениците, а сигурна сум и на сопствено задоволство.
Многу успех на наставниците што постојано истражуваат.
Горица

Анонимен рече...

Ако некој го изгубил интересот и мотивите за квалитетно и модернизирано работење, тогаш - не му е местото во образование. Јас не се согласувам со податоците дека поделбата на млади и стари е доволен показател за успешно и модерно изведување на наставната работа. Се плашам дека многу наши колеги ги изгубиле ентузијазмот и интересот со годините во пракса. Скоја професија, па и нашата, бара постојано наше усовршување. Затоа пак Министерството за образование и Бирото за развој треба да бидат повеќе на терен, да ги препознаат и наградат таквите наставници, а со тоа да ги стимулираат и другите. Вака, све се сведува на монотоно повторување на веќе работеното. Најчесто во пракса се случува следното: помала група наставници се навистина заинтересирани и квалитетни следејќи ги новините кои веднаш ги применуваат и не се плашат да истражуваат со нив, а поголемата група „ постари“ и „ незаинтересирани“ наставници кои често се на „потсмев“ од своите колеги поради „непотребно вложениот труд “ за кој нема потреба, бидејќи не е вреднуван и платен. Мислам дека мора да се најде начин за да се надмине тоа, заради наша сатисфакција и заради интересот и квалитетот на современата настава. НЕ ЗАБОРАВАЈТЕ: НИЕ СМЕ НА РАБОТА ЗАРАДИ УЧЕНИЦИТЕ КОИ ГИ УЧИМЕ, А НЕ ОБРАТНО.

Gorica рече...

Точно е ние (сите ние што било што работиме во образованието) сме таму заради децата. Ама и заради нас самите. Времето поминато на работата е околу една третина од нашето дневно расположиво време. Дали, ако го минуваме во здодевно повторување на часовите од година во година и жалби дека учениците не се заинтересирани, тоа не прави задоволни? Може ли и самите да си внесеме радост на откривањето, истражувањето и уживањето во сопствената професија? Јас, барем за себе можам да кажам, дека сум го заборавила времето кога сум работела рутински работи, без професионален предизвик, а со задоволство се сеќавам на периоди кога работев нови работи, работевме многу, делевме исти грижи со колегите, и бевме задоволни кога барем некои деца ќе учеа со поголем интерес и задоволство. Вложениот труд не беше секогаш соодветно (финансиски) награден, но најчесто се покажуваше дека ни помогнал во професионалното напредување.
И јас во сите ситуации се трудам да влијаам да се воспостави систем на професионален развој и наградување според квалитетот на работата и постигањата, што ќе функционира. (Очигледна моќта ми е мала, да не речам никаква.)
Но, зарем, додека такво нешто профункционира, ќе го минуваме времето во кулоарски разговори и жалење едни на други дека системот не функционира. Всушност ако ние не чувствуваме задоволство од нашата работа, ниту учениците ќе учат со задоволство, а богами и нашите семејства ќе ги оптоваруваме со тоа колку на работа не ни чини.
Имам ли истомисленици по ова прашање?