сабота, 16 јануари 2010

КОРИСТЕЊЕ НА ТЕСТОВИТЕ НА ЗНАЕЊЕ

Има многу поводи за размислување (и пишување) за користењето на тестовите на знаења при оценувањето на учениците. Еве неколку:
(1) Податоците од евалуацијата во Проектот за основно образование укажаа на опаѓање на користењето на различните методи на формативно оценување на крајот на минатата учебна година, на сметка на оценувањето на учениците со тестови (за тие подобро да се подготват за најавеното екстерно тестирање);
(2)Реакциите на родителите и на учениците и на крајот на ова полугодие дека на постигањата на тестовите им се дава преголемо значење во полугодишните оценки;
(3) Моето повторно навраќање на резултатите на меѓународните оценувања (ТИМСС, ПИРЛС, ПИСА) и уште една потврда за нивното големо влијание на реформските /иновативните зафати во образованието во многу земји во светот (за жал многу малку кај нас);
(4)Исклучително позитивните реакции на учесниците на семинарот: Изготвување на тестови на знаења, кои сметаа дека им е неопходно знаење за да прават подобри тестови.

Јас сум една од големите поборнички на употреба на тестовите во оценувањето на сите нивоа (за оценување во училиштата, за мерење на постигањата на државно ниво, за меѓународни мерења на постигањата на учениците), но уште поголема поборничка на спротиставување на злоупотреба на тестовите на пр. неквалитетни тестови да се третираат како добро мерило на знаењата, да се користат за оценка на објективноста на оценувањето од страна на наставниците и сл. Ми падна на памет споредбата дека тестот е како лекот: многу е корисен ако се користи за вистинска намена, а многу штетен ако е лош и или ако се користи за она за што не е наменет.

Значи: Тестови ДА, но добри и за вистински цели.
Е тука е проблемот. Многу е тешко да се направи добар тест (како и добар лек). Тоа бара знаење и практика, кои малкумина кај нас ги имаат. На некои ни недостасуваат знаења за тоа како се прават добри тестови, а на други ни недостасува практика во изготвувањето на тестови. И се разбира знаење за тоа каков тест за која намена може да се користи. Како и за повеќето работи знаењата (и практиката) не се стекнуваат ни лесно, ни брзо.
Нешто што би можело да помогне е : Тие што знаат нека прават тестови и нека ги споделуваат со другите. Првиот чекор во таа насока го има направено Државниот испитен центар ставајќи ги на web страната ослободените тест задачи од тестирањата што Центарот ги има спроведено. Набрзо и Проектот за основно образование во Алатки ќе ги става тест задачите што ќе ги изготвуваат наставници што поминаа обуки за изготвување тест задачи.


Од семинарот за изготвување тестови

А какви се тестовите што се користе во нашите училишта? Запишете го вашето мислење во анкетата или напишете коментар.

Ви посакувам успешен почеток на второто полугодие.
Горица

1 коментар:

Анонимен рече...

Ви благодарам за посакувањата за поголема успешност во второто полугодие, кое го посакува и секој наставник. Во право се родителите кои реагираат за тестовите. Не се само тие по кои треба да ја формулираме сумативната оцена, туку има многу други инструменти . Не сум против тестовите ако се добро обмислени,објективни и имаат одредена цел- со која се запознаени и учениците. Не можам да се согласом со тест на кој резултатите се карострофално слаби или целосно високи( 100%).Тука тестот не е добар и ви двата случаи- ги нема скалилата од Блумовата таксономија.
Потребно е да настојуваме учениците да станат свесни зошто треба да учат и да имаат трајни знаења. Тогач ниту наставникот, ниту ученикот нема да имаат бојазност од екстерното тестирање во кое би ги потврдиле постигањата.
Поздрав Николетка