петок, 19 март 2010

НАСТАВНИЦИТЕ КАКО ИСТРАЖУВАЧИ

Кога бев ученичка, за разлика од многу девојчиња, не сакав да бидам учителка. Таа работа ми се чиниеше еднолична. Секоја година, се исти работи да им се предаваат на децата. Сакав да бидам истражувач. Стално да откривам нешто ново.
Многу години подоцна, кога почнав да работам на истражувања во образованието ги поврзав двете работи. И сфатив дека наставникот, всушност, има огромни можности за истражување. Секој час е мало истражување за тоа дали применетиот приод во наставата довел до планираните резултати. Ако не, зошто? Што треба да се направи следниот пат за да се биде поуспешен? Ако сте амбициозен наставник, тогаш може своите истражувања да ги проширите на подолг период, на специфични прашања од областа на ефективните методи на учење, па на одржување работна атмосфера, па на мотивирање на учениците, па на формирање ставови (воспитување) ... Бескрај на можности.
Ви изгледа нереално? Некој може би мисли: “Не можам и да реализирам настава и да истражувам“. Имам докази дека тие две нешта можат убаво да се поврзат.
За да добијат сертификати повеќе од 300 наставници изготвија студии на случај од областа на оценувањето. Најголемиот број од нив се вистински мали (а некои и пообемни) акциски истражувања. Испробани се разни методи на оценување, проверено е (квантитативно или квалитативно) колку тие успешно функционирале (им помагале на учениците да научат повеќе) и наставниците извлекле заклучоци за тоа што би требало да прават понатаму. Тие сознанија може да им помогнат и на други колеги да ја подобрат својата работа во оценувањето на учениците.
Од друга страна, тие, генерално, се и мал научен придонес за ефективноста на испробаните методи на оценување. Кога минатата пролет бев на еден меѓународен собир за оценување во Словенија и презентирав што и како во Македонија работиме на унапредување на оценувањето, на крајот реков дека немаме докази за тоа какви се ефектите од тоа. После излагањето Пол Блек, познат автор во областа на оценувањето, ме праша како тоа да немаме докази. Едноставно немавме истражувања. А тој во своето излагање наведуваше докази за ефективноста на одделни приоди во оценувањето низ примери на училишта и наставници што ги примениле. Така беше пред една година. Сега, кога ќе ги систематизирам истражувањата на нашите наставници, и јас би имала многу докази.
Кога веќе пишувам на оваа тема сакам да се осврнам и на оние наставници кои често велат: “Кажете ни како. Советниците од Бирото велат едно, едни проекти друго, ние сме учеле нешто трето, стварно не знаеме што да правиме.“ А јас наставникот го гледам како професионалец кој учи од сите, ги знае учениците, се познава себе си, знае што сака да постигне (што неговите ученици треба да научат) и има храброст да проба што најдобро функционира. А кога веќе тоа го прави, зошто да не го следи систематски, документира и презентира. И ете ти наставник-истражувач.

2 коментари:

Danica Aleksieska рече...

И во Македонија се може. Во текстот ми се допадна најмногу овој заклучок. Точно е дека наставниците се истражувачи и дека има многу полиња за работа на оваа проблематика. Она што е и мој личен впечаток е дека студиите на случај што ги изработувавме при истражувањето на нашата наставна пракса (ПЕП проектот)и нам како на наставници ни покажа дека може да се подобруваме во оставање на писмени докази за работата. Сметам дека културата за истражување, оставање на докази за сработеното и развивање на свест дека можеме полека, но сигурно станува дел од нашата наставна пракса. Ова е елемент за поздравување и поттикнување. Поздрав до сите колеги.
Даница Алексиеска - ООУ Св.Кл.Охридски Драслајца, Струга

Danica Aleksieska рече...
Коментаров го отстрани администратор на блог.