четврток, 22 април 2010 г.

ЗА ЕКСТЕРНИТЕ ОЦЕНУВАЊА - ПОВТОРНО

Неодамна, на 29-ти и 30-ти март, во Скопје, се одржа регионална конференција насловена Од екстерни оценувања до политики. Беа презентирани искуства од европски земји и земји од поранешна Југославија со екстерните оценувања. Ако треба накусо да се извлече поента од презентираното и дискусиите за мене тоа би било:
(1) Екстерни оценувања постојат во поголемиот број Европски земји.
(2) Тие можат да помогнат образовните политики да се креираат врз основа на систематски прибрани податоци.
(3) Не може еден вид екстерно оценување да се користи и за оценување на учениците, и за обезбедување доволно податоци за квалитетот и образовниот систем и за отчетност на училиштата за нивната работа.
(4) Фактот што оценувањето е екстерно само по себе не значи дека навистина ја мери постигнатоста на образовните цели.
Сакам малку да се осврнам на ова последново. Има тенденција, тестирањето, само затоа што овозможува објективно оценување (нели има клуч за одговори што тоа го овозможува) да се смета за супериорен начин на оценување. Затоа кај некои наставници најважни се резултатите на тестовите. А кога ќе се видат задачите на тестот се отвора прашањето што всушност тие проверуваат. Колкав број и кои наставни цели ги мерат.
Слично е и со тестовите што државата (сака да) ги користи за различни цели. Не може со тест што се решава 1 училишен час (значи има 30-тина задачи) да се измери колку ученикот ги постигнал наставните цели по определен предмет, особено ако целите се однесуваат и на практична оспособеност и други знаења и умеења кои е тешко да се проверат со тест од типот молив хартија. Е, ако со тестот не се гарантира дека се измерени (речиси) сите цели што ученикот требало да ги постигне (односно репрезентативен примерок на тие цели) , тогаш и неговата употреба треба да биде ограничена. Тоа значи дека тестот не може да биде единствено мерило на постигањата. Знам, ќе речете па никој не се залага за тоа. Да, ама ако, на пример, тестот се промовира во главно (или дури единствено) мерило за објективноста на оценувањето што го вршат наставниците или за отчетност на училиштето е тука сме заборавиле на ограничувањата што тестовите ги имаат.
Да нема забуни. Јас сум голем заговорник за различни видови објективни тестирања и екстерни оценувања. Само сакам да потсетам уште еднаш дека изготвувањето на добри тестови е високо стручна работа. Исто така и поставувањето на стандарди за постигања врз основа на резултатите од тестирањата. Ова не треба да се заборава кога се одлучува за какви било екстерни (а и интерни) тестирања.
И да не заборавиме само добро формативно оценување придонесува за подобри постигања. Тоа што екстерно ги мериме постигањата нема само по себе да ги покачи. Ја знаете онаа: “Прасето нема да го угоиме со тоа што ќе го мериме, потребно е да ги храниме“.

1 comment:

Anonymous said...

Ја читав објавата од одржаната конференција во врска со екстерното оценување и различните согледувања од примената на истото. Не сум против и сосема се согласувам со Вас дека стварно треба голема посветеност во изработката на тестовите.Не како задачите за регионалниот натпреварпо математика -задачи исти за четврто деветолетка и четврто осмолетка и теми кои не се предвидени во наставните програми.Децата уште на почеток се разочаруваат, како доказ е малиот број на учесници во погорните одделенија.Многу кажува Вашиот исказ за прасето и јас го употребувам само мојот е ако сакаш успех, работни навики и трајни знаења од учениците уште во прво одделение не го жали ни трудот ни времето како прасе кога појде натаму постигнуваш успех и целта си ја постигнал, па тогаш не е страшно кој ќе ти дојде на посета на час или да тестираат.
поздрав Николетка Свети Николе